За молитвата
 
 
 
 
 

За молитвата (29.03.2013)

Молитвата заради своето благо дејство се нарекува царица и хороводителка во соборот на добродетелите. За ниту една добродетел не е кажано толку многу како за молитвата. Таа е вознесување на умот и срцето кон Бога. Со помош на неа човекот станува дел од соборот на ангелите, станува соучесник во нивните блаженства и се озарува со мудрост. Молитвата е најблагопријатен темјан за Бога, мост за надминување на искушенијата, неразрушлива тврдина на верните, безбедно пристаниште, Божја одежда што душата ја облекува во голема убавина и достоинство. Молитвата е дишење за душата, нејзина храна и питие.

Молитвата е мајка на сите добродетели, чуварка на целомудреноста, печат на девственоста, сигурна одбрана од сите лукавства на нашиот вечен непријател.

Победувај ги противниците со Христовото име, односно со молитвата, затоа што појако оружје од ова нема ни на небото, ни на земјата. Молитвата е утврдување на мирот, милост пред Бога за гревовите, пристаниште заштитено од брановите, просветлување на умот, секира за очајот, поништување на тагата, раѓање на надежта, стишување на гневот, застапничка на осудените, спасение за изгубените. Таа китот го направи дом на Јона, Језекил го врати во живот од вратите на смртта, за трите момчиња пламенот го направи роса. Со молитвата св. Илија го затвори небото: „и не падна дожд на земјата три години и шест месеци“. Кога дури ни самите апостоли не можеа да ги истераат нечистите духови, Господ им рече: „Овој род се истерува само со молитва и пост“.

Човекот во животот нема ништо повредно од молитвата, таа и невозможното го прави возможно, тешкото лесно, неудобното удобно. Молитвата е толку неопходна за човечката душа, колку и воздухот за дишењето, или водата за билките. Молитвата е светост за душата.

Кој не се моли, тој се лишува од општењето (заедницата) со Бог и станува налик на сувото безплодно дрво кое се сече и се фрла во оган. Кој не се моли, тој не ги добива Божјите благослови за своите дела, според кажаното: „Ако Господ не соѕида дом, залудно се трудат оние кои го ѕидаат“.

За да се помине целиот ден совршено, свето, мирно и безгрешно, единственото средство за тоа е најискрената, огнена молитва наутро, после будењето. Таа во срцето ќе Го внесе Христос со Отецот и Светиот Дух и така ќе ѝ даде моќ и сила на душата против ударите на злото.

 

Свети Сава Псковско-Печерски