„Пламна моето срце и во моите мисли се разгоре оган“ (Пс. 38, 3)
 
 
 
 
 

„Пламна моето срце и во моите мисли се разгоре оган“ (Пс. 38, 3) (30.03.2013)

Повторно исправете ги вашите раце што не се дигаат за да направат добро дело, и вашите слаби колена, и насочете ги вашите чекори да одат право, по Господовиот пат на праведноста, целомудрието, љубовта, смирението, вистината. Изопачените и потполно криви патишта, како што се омразата, лагата, предавството, убиството, лакомоста, гордоста и сличните на нив – не само кога се извршуваат вакви работи, туку и кога се негуваат во срцето – прават човекот да заслужи Бог да се одврати од него, зашто човекот гледа на лицето додека Бог на срцето, и така ги испитува срцата и она што се скриено во нив.

Вие кои сте се собрале во Божјиот храм, „притегнувајќи ги бедрата на својот ум“, како што кажува првиот меѓу апостолите, Патар, „бидете трезвени, целосно надевајте се дека ќе ви се принесе благодатта при јавувањето на Исус Христос“ (1 Петар 1, 13). Невозможно е оној што стои во Светата Божја Црква, што го собира својот ум и го насочува кон Бог, што проникнува во содржината на светите песни што се пеат, внимавајќи на нив од почетокот до крајот, да не го привлече кон себе Бог, како резултат на предметот на своите мисли за Бога и за Божјите зборови. Како последица на таквото размислување се јавува топлина во срцето што ги протерува лошите помисли како мушички и во душата донесува духовен мир и утеха, а на телото му дарува осветување, според зборовите: „Пламна моето срце и во моите мисли се разгоре оган“ (Пс. 38, 3). Тоа е токму она на што нѐ поучува некој од богоносните Отци: на секој начин потруди се твоето внатрешно делување да биде според Бога, зашто како на друг начин ќе ги победиш надворешните страсти. И големиот Павле нѐ поттикнува на тоа: „Живејте по Духот, и желбите на вашето тело нема да ги извршувате“ (Гал. 5, 16). Така и на друго место советува и пишува: „И така стојте, откако ќе се опашете со вистина“ (Ефес. 6, 14). Тоа се случува кога мислата е свртена кон Божјото и живее во Божјата Вистина, а желбите на телото се изгаснати. Кога телесните помисли се пригушени, тогаш душата што живее во мир ја прифаќа благодатта на Духот, која ја прави способна да ги вкуси оние идни и неописливи богатства, што окото на острастениот и невнимателен човек не ги видело, ни увото ги чуло, ниту во срцето на таквиот човек влегле. Оваа способност (да се вкуси идното), исто така, претставува и гаранција за тие духовни добра, а срцето кое ги примило станува духовно и потполно сигурно во своето спасение.

Свети Григориј Палама