За Телото и Крвта Христови
 
 
 
 
 

За Телото и Крвта Христови (03.04.2013)

 

„А јас го примив од Господ она што ви го предадов...“

(1 Кор. 11, 23)

 

1. Доволно е само ова место од поуките на блажениот Павле за да ве увериме во Божјите Тајни, со кои се удостоивте, со кои станувате Христови сотелесници и причесници, исто како што рече апостолот: „Господ Исус, онаа ноќ кога беше предаден, зеде леб, и, откако го прекрши, рече: ‘Земете, јадете, ова е Моето тело“ (1 Кор. 11, 23-24). „И како ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: ‘Пијте од неа сите, затоа што ова е Мојата крв’“ (Матеј 26, 27-28). Кога Самиот Христос објавил и рекол за лебот: „Ова е Моето тело“; кој после тоа може да се осмели да не верува? И кога Тој Самиот сведочел за чашата: „Ова е Мојата крв“; кој ќе се посомнева и ќе рече дека ова не е Неговата крв?

2. Во Кана Галилејска, Тој водата ја претворил во вино, а слично е и со крвта: зарем не е достоен на верата кога виното го претвора во крв? Бидејќи повикан на телесен брак (свадба) извршил преславно чудо: зар со тоа веќе не нѐ повикал нас, брачните синови, на исповед, со Своите тело и крв, на наследство?

3. Зошто со потполна увереност го примаме ова, како тело и крв Христови? Затоа што во вид на леб тебе ти се дава телото и во вид на вино ти се дава крвта, за причестувајќи се со телото и крвта Христови да станеш Негов сотелесник! Бидејќи така и стануваме Христоносци (Христови), кога Неговите тело и крв општат со нашите членови од телото. Така, според зборовите на Петар, стануваме „причесници на Божествената природа“ (2 Петар 1, 4).

4. Некогаш беседејќи, Христос им рекол на Јудејците: „Ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете Неговата крв, нема да имате живот во себе“ (Јован 6, 53). А тие (учениците) несфаќајќи го духовно она што им го кажа, туку соблазнувајќи се, си заминаа од Него, мислејќи дека ги убедува да јадат плот.

5. И во Стариот Завет лебовите биле предложени, но тие со значењето кое го имале во Стариот Завет, биле укинати. Во Новиот Завет постојат небесниот леб и чашата на спасението, кои ги осветуваат душата и телото. Бидејќи како што лебот е достоен на телото, така и зборот ѝ доликува на душата.

6. Затоа, лебот и виното (во Евхаристијата) не ги сфаќај несериозно, затоа што тие според зборовите на Владиката се телото и крвта Христови. И ако чувството ти го покажува тоа, тогаш верата нека те утврдува. Не расудувај за работите според вкусот, туку без сомнеж биди утврден во верата, за да се удостоиш со телото и крвта Христови.

7. И Давид ти ја објаснува оваа Тајна. Велејќи: „Пред мене си поставил трпеза, која можат да ја видат моите непријатели“. А неговите зборови значат ова: пред Твоето доаѓање, демоните им подготвуваа трпеза на луѓето, нечиста и осквернета, исполнета со ѓаволска сила, но по Твоето доаѓање, о Владико, пред мене си поставил трпеза. Кога човекот Му вели на Господ: Пред мене си поставил трпеза, што друго би значело тоа ако не тајната и умна трпеза, која Бог ни ја подготвил во замена, за онаа спротивната, и против демоните. И сосем правилно. Бидејќи онаа (трпеза) имала заедница со демоните, а оваа има заедница со Бога.

„Со масло ја помаза мојата глава“. Со масло ја помаза твојата глава по челото, преку печатот, што го имаш од Бога: за ти да бидеш икона на печатот „Господова Светост“.

„И преполна е Твојата чаша со која ме напојуваш“. Гледаш ли што се кажува за таа чаша, која ја зел Исус во рацете, заблагодарил и рекол: „Ова е Мојата крв на Новиот Завет која се пролева заради мнозина, за простување на гревовите“ (Матеј 26, 28).

 

8. Затоа и Соломон, прорекувајќи за оваа благодат во Проповедникот, вели: „дојди, јади го својот леб со радост“ (односно, духовниот леб, и преку зборот дојди повикува на спасителниот и блаженотворен повик). „Со весело срце пиј го своето вино“ (гледаш ли како таинствено го објавил Миропомазанието?). „Облеката секогаш нека ти биде бела, бидејќи на Бога му се мили твоите дела“. Затоа што пред да ѝ пристапиш на благодатта, суетни биле твоите дела. Кога си ја скинал старата облека и духовно си се облекол во бела, тогаш треба постојано да носиш бело. Сигурно е дека ние не зборуваме дека ти треба секогаш да се облекуваш во бела облека, туку бела во вистинска смисла, и светла (одосно духовна); така треба да се облекуваш за да ги имаш зборовите на блажениот Исаија: „Мојата душа ќе се весели во Господа, бидејќи ме облече во спасителна облека и со плаштаницата на правдата ме наметна“.

 

9. Знаејќи го ова се уверуваме дека лебот што го гледаме не е леб, иако со вкусот се чувствува, туку тело Христово; и виното што го гледаме не е вино, иако според вкусот така изгледа, туку крв Христова. За ова и Давид одамна пеел: „И лебот срцето на човекот го крепи, и душата се осветлува од маслото“.

 

Причестувајќи се духовно крепи го своето срце и помазувај го лицето на својата душа.

Имајќи го ова (Таинство) откриено во чистата совест и созарцувајќи ја Господовата слава, о кога би се преобразувал, од слава во слава (2 Кор. 3, 18), во Исус Христос, Кому Му прилега чест и сила и слава, вечно! Амин.

 

Свети Кирил Ерусалимски