За постот
 
 
 
 
 

За постот (08.04.2013)

Оној кој не војува „против крвта и телото, туку против началствата, и властите, и господарите на темнината на овој свет, против лошите духови“ (Ефес. 6, 12), за подвигот треба да се подготви со воздржание и пост. Маслото го помазува борецот, а постот го закрепнува благочестивиот подвижник. Според тоа, колку одземаш од телото, толку ќе ѝ додадеш на душата за таа да блесне во духовното здравје. Зашто, победата над невидливиот непријател не може да се добие со телесни сили, туку со постојаноста на душата во трпењето на неволјите.

 

Постот ги чува децата, младиот го прави целомудрен, а старецот достоен за почит. Затоа што, староста украсена со постот станува уште подостојна за почит. Постот е најдостојниот украс за жената, узда за младоста што цвета, чувар на сопружништвото, храна за девственоста. Такви се неговите грижи за секој дом… Кога сите би го прифатиле за советник во своите дела, ништо не би било пречка во целата вселена да завладее мир: народите не би доаѓале во судир и војските не би војувале. Кога би владеел постот, не би се изработувало оружје, не би имало судови, никој не би бил во затвор: со еден збор, не би имало крадци во пустините, ниту клеветници во градовите, ни пирати по морињата. Кога сите би биле ученици на постот, според зборовите на Јован, не би се слушнал ниту гласот на митникот. Нашиот живот не би бил тажен и преисполнет со душевна здодевност, кога би го прифатиле постот. Затоа што, очигледно е дека тој секого би го научул не само на воздржување во јадењето, туку и во потполно оддалечување и отуѓување од среброљубието, лакомоста и секој друг порок. После нивното искоренување, и нас ништо не би нѐ спречувало животот да го поминеме во длабок мир и без душевни збрки.

 

Во сите денови што следат Светиот Дух ќе ни носи утринска храна и вечерна радост. Никој своеволно нека не се лишува од духовната гозба. Сите да бидеме дел од трезвената чаша во која е растворена Мудроста и е подеднакво принесена за секој да црпи според мерата за примање. Зашто, „во чаша го тури своето вино и ја подготви својата трпеза“ (Изрек. 9, 2), односно храната „за совршените, чии сетила благодарејќи на навиката се извежбани за разликување на доброто и лошото“ (Евр. 5, 14). Изобилно хранејќи се (од реченото), да бидеме  достојни за брачната радост во Исус Христос, нашиот Господ, Кому Му доликува вечна слава и сила. Амин.

 

Свети Василиј Велики