Радоста е пропаст за тагата (11.04.2013)
Болката, грижата, стравот, трагедијата на душата се резултати на човечкиот пад до кој дошло заради човечкото самољубие. „Испарувањата“ раѓаат грижа во душата, додека природна состојба на човекот е радоста, затоа што Бог е радост, а душата е Божји здив. Тој ја создаде и таа оди кон Него. Според тоа, грижата му е туѓа на човечкиот живот и за неа не постои никакво оправдување.
Но, денес не можеш да најдеш радосен човек, што значи и дека не можеш да најдеш стабилен, мирен, природен човек. Грижата е страшна болест што владее со вселената, можеби најголемата мака на човештвото, негова најголема драма. Таа не само што е предградие на пеколот, туку и доживување на пеколот уште во овој живот.
Отсуството на радост значи отсуство на Бог, додека радоста е доказ за Неговото присуство. Ако некој е човек на овој свет, привремено, и се радува на страстите, минливото и залудното, тој можеби има некоја наслада, некое задоволство, а всушност, ако малку се задлабочиме, ќе видиме дека во неговиот живот има неволји и грижи, како што вели и Светото Писмо: „Неволја и тага во душата на секој човек што прави зло“. Не е можно таму каде што се прекршува Божјата заповед да има радост, како што е невозможно со исполнување на Божјиот закон да постои грижа.
Радоста е нешто ретко, но тоа не значи дека таа е нешто големо: таа е природна, како што е природно човекот да гледа. Некој што е слеп би можел да каже: „О! Ти гледаш?“ Така, кога некој е радосен, останатите се чудат и прашуваат: „Радосен си?“ – бидејќи одрекувајќи се од Бог во својот секојневен живот, се навикнале на душевна мака, лага, грев, на темната потсвест на човековото битие. Според тоа, радоста не е ништо ново. Таа е елемент што ни помага во духовниот живот.
Старец Емилијан