За молитвата (14.04.2013)
Свети Јован Златоуст ни се обраќа (нѐ моли) со зборовите: „Браќа, никогаш не го оставајте правилото на таа молитва, туку, и да јадете, и да пиете, и што било друго да правите, постојано повикувајте: ‘Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме’“.
Би можело да се посочат уште многу сведоштва на светите Отци во кои (од сострадање кон нашето незнаење и непоимење, кон нашата духовна непросветленост) нѐ молат да пристапиме кон таа активност, со целата наша усрдност и побожност.
Меѓутоа, и од малкубројните примери на светите Отци може да се разбере дека знаеле и искуствено во срцата ја познавале неискажливата тајна на непрестајното изговарање на светото и спасоносно име на нашиот Господ Исус Христос.
Тие со тоа и нѐ преколкнуваат и молат да ги спасуваме својот ум и својата душа. Тоа и е спасоносната тајна на сите светии, кои се спасувале. Божјите светители ја познавале таа тајна која се крие во Божјото име. Тие од опит го познавале спасоносното дејство на тоа име за целиот човек: и со телото, и со умот, и со срцето. Тие ја познавале големината на името на Господ Исус над сите разумни созданија – и земни, и небесни. Тие знаеле дека името на Господ Исус е над секое име, односно дека е изворот на радоста и добродетелниот живот. Тоа е Дух. Тоа оживува, менува, преобразува и обожува. Името на Господ Исус Христос во себе содржи Божја сила. Со силата на тоа име се оздравува од болестите, а душата оздравува од страстите. Од Исусовото име треперат демоните: мачени од стравот од величеството на Неговото Божество тие бегаат од него. Затоа Отците и рекле: „Удри на непријателите со Исусовото име затоа што нема појако оружје ни на небото, ни на земјата (св. Јован Летсвичник). На оној кој се моли со Исусовото име му следува Божја помош и му се дарува простување на гревовите. Заради Господовото име нашата грешна молитва е чуена и ни дарува спасение.
Со Исусовото име умот се ослободува од колебањата и лутањата во помислите на празноумието, а волјата станува посилна и ги исполнува Господовите заповеди. Со силата на тоа име се просветлува умот и се овозможува во душата да живеат богоугодни мисли и чувства, кои ѝ припаѓаат на непорочната човечка природа, за потоа во неа да нема место за туѓи мисли и чувства (Епископ Игнатиј Брјанчанинов).
Со името на Господ Исус се остварува оживувањето на душата која била умртвена од гревот. Господ Исус Христос е Живот: Неговото име е живоносно, односно исполнето со живот. „Неговото име е вечен живот“ (Св. Симеон Солунски).
Тоа ги оживува оние кои со вера го изговараат, правејќи ги причесници на вечниот живот. Името на Господ Исус е свето и го осветува оној кој го изговара: му се осветуваат устата, јазикот, срцето и целото тело. Тоа го осветува и воздухот наоколу.
Апостолот вели: „Па затоа и Бог високо Го издигна и Му даде име, што е над секое име, па во името на Исус да ги преклони колената сѐ што е небесно, земно и подземно, и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бог Отецот (Фил. 2, 9-11).
Старец Јован Рижиски