Господ Исус Христос нека стане наше срце и наш живот (15.04.2013)
Голема е ползата за секој човек ако Христос стане негово срце и негов живот. И не само што тоа е добро за него, туку истото е добро и за сите оние кои се во неговата близина, бидејќи, секоја сила секогаш се наоѓа во центарот и оттаму се шири, како бранови, насекаде и делува на сѐ она што ќе наиде на тој пат. И оној кој, најверојатно заради својата мрзливост, се лишил од овој голем Божји дар, тој многу си скратува и себеси и на другите заради тоа што Христос не е во него, во неговиот живот и во неговото срце. Да Му се помолиме на Господ Тој да стане срце на секој човек и да биде Живот за оние кои умреле за желбите на овој свет, а да биде смрт за оние во кои сѐ уште живее стариот, грешен човек. И да се молиме за тие, огревовени луѓе, да не го шират околу себе лажниот живот, ако веќе не сакаат да живеат во Вистината. Секој кој се жали на мрзливоста и оладеноста во душата, би требало добро да погледне во себе, случајно да не влегле некои помисли кои човекот го влечат долу наместо да го вознесуваат горе. Таквите мисли се секогаш оние преку кои нешто присвојуваме за себе, кога нешто си припишуваме на себе: успех во некоја работа, пофалби, приметување на недостатоците кај ближните и чувство на некоја наша супериорност над другите луѓе. Затоа, да Му се помолиме на Господ, да нѐ искушува, да нѐ испроба, да ни ги отвори очите за да видиме дали сме на патот на беззаконието, па ако сме, да се помолиме и потрудиме да тргнеме по патот за вечниот живот. Ништо не е случајно. Сѐ што ни се случува е по Божја промисла, или како казна, или како поука. Во светот има безброј луѓе кои се хипокондрици и со оштетен ум, луѓе кои ги поднесуваат непријатностите на овој живот, а сепак, иако не се во состојба да се грижат самите за себе, нив ги чува Божјата промисла. И често се слуша прашањето: Зошто е тоа така? На секој кој се труди заради своето спасение, би можело и би требало да му се каже: Нема потреба да ги дознаеш небесните тајни, не го барај она што е скриено, или она што се однесува на иднината. За спасение е неопходно да веруваш, да ги исполнуваш заповедите и секогаш да го чистиш своето срце, а не да бидеш радознал. Опасно е да се сака да се дознае она што е скриено, а уште поопасно е да се настојува да се откријат тие тајни. По Божја промисла нам ни се открива она што ни е потребно и секогаш толку колку што можеме да сфатиме. Кроткоста, трпението и љубовта не само што можат да го направат слатко она што извира од горчливиот извор, туку и самиот извор можат да го направат сладок. Ако нашата душа е лишена од нешто, Бог бара трпение и надеж за таа, иако искушувана, на тој начин да се очисти. Свети Серафим Саровски