За постот
 
 
 
 
 

За постот (16.04.2013)

Нашиот добар Бог ни предлага исцелителен лек – светиот и прекрасен пост, што секогаш повикува на исполнување, за да ја заузда телесната страст и да ја задржи немоќта, што станува дел од нас како резултат на уживањето во своите страсти, и така не му дозволува на духот, да ја задоволи својата жед, предизвикувајќи не мал пад. Затоа што, навистина, според зборовите на големиот проповедник апостолот Павле, телото и духот се наоѓаат во тешка војна помеѓу себе. „Бидејќи телото“, вели тој, „сака спротивни работи од духот, а духот спротивни од телото; тие се еден против друг“ (Гал. 5, 17).

Затоа, возљубени, Бог определил за сите нас општ четириесетдневен пост, назначен за повеќе строгост во сите сфери на подвигот и за победа над лошите духови; за целосно да ги протераме од нашиот пат што води кон чистиот образ на животот, достигнувајќи го денот на тридневното и живоносно Господово Воскресение, и очистени како нашиот Бог, да се прославиме и со љубов да Му се принесеме.

И ние налик на патници, чекорејќи по краткиот пат на нашиот живот стигнуваме до неговиот крај; едни, живеејќи го светиот достоен живот, ќе стигнат во небесното Царство, а други, живеејќи нечесно, ќе бидат притворени како во некоја јама од своите страсти, на кои им робувале за време на овдешниот живот, и затоа ќе бидат жртви на истите.

А со каков образ на живот е можно уште овде да се стекне небесниот мир? Како се прави тоа? Јас ќе ти кажам. Чистиот ум се радува заедно со небесните сили, празнува над пропаста на ѓаволот, ако духот и телото ревнуваат, чистејќи се со милиот пост, во допир со животворниот Крст, ако ликуваме, како што рековме со небесните сили, со кои ќе станеме сограѓани, кога Судијата ќе дојде од небото.

Свети Софрониј, патријарх Ерусалимски