Суштината на христијанскиот живот
 
 
 
 
 

Суштината на христијанскиот живот (22.04.2013)

Луѓето посветуваат внимание на христијанското воспитување, но не го доведуваат до крајот или не се грижат за најважните и најтешките страни на христијанскиот живот, застанувајќи на најлесното, видливото и надворешното. Ова надворешно воспитување или воспитувањето кое не е насочено онака како што треба е карактеристично за лицата кои грижливо ги почитуваат сите надворешни правила на благочестивиот живот, но малку внимание посветуваат или воопшто не посветуваат, на внатрешното движење на срцето и на вистинскиот напредок во внатрешниот духовен живот... Ним им се туѓи смртните гревови, но тие не внимаваат на помислите. Затоа, понекогаш малку ќе се судрат со другите, малку ќе се пофалат и возгордеат, и ќе се налутат мислејќи дека се во право, понекогаш ќе ги привлече убавината и утехата (на овој свет), понекогаш дури и ќе навредат некого во бранот на незадоволства, понекогаш ќе ги мрзи да се молат, па молитвата ќе им ја крадат празните помисли и сл. – и воопшто не им е грижа за тоа. Ова движење, за нив има мало значење. Ако отишле во црква или се молеле дома, според востановениот ред, и ги завршиле своите вообичаени работи – апсолутно се задоволни и мирни. А притоа, што се случува во срцето – за тоа воопшто не се грижат. Меѓутоа, тоа може да се подготвува за зло и со тоа да ја одземе вредноста на нивниот правилен и благочестив живот.

Земете ја како пример следнава случка: оној кој непотполно го остварил делото на спасението станал свесен за непотполноста и ја сфатил несигурноста на својот пат и неправилноста на својот труд.

Така, некои се насочуваат од надворешната побожност кон внатрешната. На тоа ги наведува или читањето книги за духовниот живот, или разговорот со оние кои знаат во што е суштината на христијанскиот живот, или незадоволството од својот труд, чувството дека нешто недостига и дека нешто не оди како што треба. Во целата таа „правилност“ тие немаат внатрешен мир; во нив го нема она што е ветено на вистинските христијани – мир и радост во Светиот Дух. Кога во нив ќе се роди оваа мисла која ги вознемирува, разговорот со оние со опит или книгите ќе им објаснат за што се работи, и ќе им укажат на суштинскиот недостаток во нивниот живот -  отсуството на вниманието насочено кон внатрешното движење и управувањето со себе. Тогаш тие ќе сфатат дека суштината на христијанскиот живот се содржи во тоа, човекот со умот да слезе во срцето, пред Бога во Господ Исус Христос преку благодатта на Светиот Дух, и оттаму да управува со сите внатрешни движења и сите надворешни дејства, и мали и големи, и да ги претвора во служба на Триипостасниот Бог, потполно жртвувајќи се за Него, свесно и слободно.

 

Схи-игумен Харитон Валаамски