Беседа во петок од шестата недела на Велигденскиот пост (26.04.2013)
Завршувајќи ја душекорисната Четриесетница, и сакајќи да ја видиме светата седмицата на Твоите страдања, Човекољупче, и во неа да ја прославиме Твојата големина, и Твоето неискажливо љубовно дело, еднодушно и покорно молиме: Господи, слава Ти! Ден по ден, недела по недела, и еве, помина речиси целата света Четириесетница, иако од друга страна, заради непривикнатоста на воздржувањето и постот, таа можеби ни изгледаше бесконечна. Постот трае уште една недела, но тие денови не ѝ припаѓаат на Четириесетницата, туку имаат посебно значење, бидејќи се посветени на Господовите страдања. Тие се како купола и крст на храмот. Заради тоа, самата света Црква го задржува нашето внимание на денешниов ден, повеќепати објавувајќи: „Завршувајќи ја душекорисната Четриесетница!“ Таа така постапува за ние, доаѓајќи до крајот на Четириесетницата, да се собереме во мислите и да размислиме дали сме ја достигнале целта на светиот пост? Затоа што можно е и многу да се посее, а да не се ожнее ништо; може да се употребат многу лекови, може дури и да се потроши, како што пишува во Евангелието за крвоточивата жена, целиот имот на лекари, а да не се излечиме. Значи, што се случува сега со нас, односно со нашата душа и совест? Дали во себе чувствуваме некоја блажена промена? Можеме ли со невестата, која е опишана во Песната над песните, да речеме: „Пројде зимата, минаа дождовите, заминаа, цвеќе се гледа по земјата?“ Ах, ние сме навикнале природата која нѐ опкружува да ја нарекуваме неразумна, но погледнете како таа серазумно ја извршува својата должност, својата работа! Само што лицето на пролетното сонце се сврти кон неа, во истиот миг, таа почна да се соблекува, и сега целосно ја соблече својата тешка зимска облека. Осветлена и огреана од пролетните зраци, одлучно се изми од зимската нечистотија, и на морето целосно му ја врати водата што му ја должеше, и сега, секој ден, сѐ повеќе и повеќе, од своите пазуви го изнесува сето она што претходната есен земјоделецот го довери на полињата и нивите. На светлиот празник, секаде по земјата ќе се појават нови празнични облеки од зеленило и цветови. Горе и ритчињата ќе се израдуваат, и нов хор од птички ќе ја објави новата песна на радоста и благодарењето кон Создателот на природата. И нам, мои браќа, од самиот почеток на светиот пост, можеме да речеме, ни се приближи духовното сонце, нашиот Господ и Спасител, затоа што не залудно Црквата тогаш ги објавува зборовите на апостолот: „Сега нам спасението ни е поблиско“. Што е тоа што во нас и околу нас го предизвика тоа приближување и умножување на светлината и духовната топлина? Дали во нас се растопи мразот на нечувствителното срце? Дали се измивме од гревовната нечистотија преку солзите, верата и покајанието? Дали е подготвена нашата душа, како земјата, да ги изнесе плодовите на љубовта и правдата? На денот на Господовото Воскресение, ќе можеме ли да кажеме дека не сме мртви со духот, дека и ние, преку Божјата благодат, имаме макар и делче од вечниот живот? Сегашниот пост токму за ова и беше преодреден. Што сакаше Црквата со тоа што ни го препорача? Секако не тоа да нѐ зачува од употребата на некои јадења, или да ни скрати одредени задоволства. Не, постот бил потребен за да ги заузда нашите сетила, да нѐ скроти, а потоа и да ги умртви нашите страсти, да ги исчисти нашите мисли и желби, да ги ослободи духот и совеста, во нас да ја разбуди тагата по Бога и светиот копнеж за небесната татковина, да нѐ приближи до небото, да го исчисти, просветли и освети целото наше битие. Токму заради тоа Четриесетницата се нарекува душекорисна. Дали таква беше и за нас? Што спечаливме од многуте читања, молитви, коленопреклонувања, или претходно, од нашата исповед и причестувањето со Светите Христови Тајни? Ние не ве мачиме како сурови старешини заради плодовите на постот, туку како лекари, заради ваше добро, сакаме да го свртиме вашето внимание кон состојбата на вашето срце и душа. Затоа што лесно може да се случи некои, сакајќи спасение за својата душа, да не знаеле да го искористат големопосниот подвиг. Тоа се случува, на пример, ако за време на постот се ограничуваат само на воздржување од храна и пиење, или само на повеќе или помалку одење во црква, или само на површно исповедање на своите гревови пред духовникот, или на поправање на некои неважни недостатоци во своето однесување и живот. Тогаш, кога се работи за нашето спасение потребно е многу повеќе – неопходна е целосна промена на нашите плотски мисли и чувства, потполно обновување на нашата душа и срце, или, како што вели Бог: „цело ново раѓање од горе“. Ако некој, неразумен, застане на оваа укажана неплодна површност, тој нека знае, дека иако навидум правел многу, сѐ уште ништо не направил како што треба, и дека е потребно одново да се труди, и да почне да чекори од почеток. Односно, што треба да направи? Да се вдлабочи во своето срце и совест, и да се увери дека без осветување од горе во коренот на сѐ што прави, дури и кај оние кои се добри, постои единствено самољубие, а не света и вистинска љубов кон Бога и ближниот, и дека сѐ што ќе изникне од тој корен пред Божјите очи не е достојно за небесното Царство. Потребно е да го воочи тоа, и да Го моли Господ, Тој Самиот да го спаси од пламените на страстите и лошите навики, и Самиот во него да созида цврсто срце и да му подари покајнички дух – она срце од кое сами од себе се јавуваат навистина добри мисли и дела – оној дух кој единствениот може да придонесе за здобивање на благодатните дарови и да обезбеди место за престој на Светиот Дух во нас. Но, некој ќе праша, како да се направи сето тоа кога веќе помина светата Четириесетница и помина најдоброто време за тоа? Точно, постот е најдобар за ова важно дело, но деновите на Господовите страдања кои следуваат, може да се каже, се уште подобри. Како што на средината на земјината топка, на линијата на рамноденицата, или таканаречениот екватор, сонцето свети толку силно што за еден ден сѐ расте повеќе отколку кај нас за една недела; тоа истото можеме да го кажеме и за деновите на Христовите страдања кои следат. Тие се нашиот духовен екватор, тука се насочени сите зраци на духовното Сонце. Само кога, од наша страна, не би недостигале солзите на вистинското покајание, во еден час или минута, со нашето срце и душа, може да се случи она за што во друго време би било потребно да се чека цела недела или месец. Значи, никој да не губи надеж! Под заштитата на верата и крстот да се соберат сите кои заостануваат! Да се вратат на своето место сите избегани! За сите верни има место на Голгота; за сите кои се каат – простување; за сите кои вистински сакаат – вечен живот. Амин. Херсонски Архиепископ Инокентиј