Лазарова сабота
 
 
 
 
 

Лазарова сабота (27.04.2013)

Во благопријатно време те чув, и во денот на спасението ти помогнав“ (Иса. 49, 8), рекол Бог преку Исаија. Затоа ќе биде добро, денес, кон вашата љубов да се упатат апостолските зборови: „Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението: да ги отфрлиме сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на Светлината. Да одиме чесно како дење“ (2 Кор. 6, 2; Рим. 13, 12-13) – затоа што ни се приближува сеќавањето на спасоносните Христови страдања, се приближува нова, голема и духовна Пасха, награда за бестрастието (палмовото гранче), почетокот на идниот век. Тоа го најави Лазар, кога излезе од оние кои се скриени во пеколот; после заповедта на Божјиот Син Кој има власт над животот и смртта, оној кој четири дена беше во гробот, стана од мртвите. И по доаѓањето на Божјиот Дух, децата и незлобливиот народ Го поздравуваа Оној Кој спасува од смртта, ги изнесува душите од пеколот и подарува вечен живот на душата и телото.

                                               *  *  *  

На сите им се потребни стремежот, трудот и вниманието, но не на сите во иста мера, бидејќи ова им е попотребно на оние кои имаат слава, богатство и власт, и кои се учени и поседуваат мудрост, ако сакаат да се спасат. Тоа се гледа во Христовото Евангелие. Кога било извршено чудото над Лазар, и кога Христос јасно истакнал дека Тој е Бог, народот го прифатил тоа и поверувал, додека некои кнезови, односно книжници и фарисеи, биле далеку од верата, па неразумно смислувале лоши работи против Него и, со своето безумие сакале да Ги убијат Оној Кој, преку тоа што го рекол и направил, се претставил Себе како Господар на животот и смртта. Зарем секој нема да рече, колку лесно можеле да сфатат дека Тој е рамен на Отецот, тогаш кога Христос ги подигнал очите кон небото и рекол: „Отец, Ти благодарам, зашто Ме послуша“. Бидејќи тогаш Тој Самиот појаснил: „А Јас знаев дека Ти секогаш Ме слушаш; но ова го реков заради народов што стои наоколу, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил“ (Јован 11, 41-42), односно за тие да знаат дека Тој е едно со Бог Отецот и дека доаѓа од Него и дека во ништо не Му се спротивставува, туку заради волјата на Отецот прави чуда. Пред сите ги подигнал Своите очи кон Отецот и му се обратил со тие зборови, за тие да сфатат дека Тој, Кој зборува на земјата, е рамен на Отецот, Кој е на небото. Советувањето претходело на почетокот на создавањето кога требало човекот да го доведе во битие, па така и сега – при пресоздавањето на човекот во ликот на Лазар. Тогаш, сакајќи да создаде човек, Отецот Му рекол на Синот: „Да направиме човек“, и Синот послушал, па така човекот добил живот. Сега пак, кога Синот рекол, Отецот го послушал, и така Лазар оживеал.

Ја гледате ли овде истата чест и еднаквото почитување? Овие зборови, иако заради народот изговорени во вид на молитва, не биле молитвени зборови, туку зборови на власт: „Лазар, излези надвор!“ – и Лазар веднаш, иако четири дена мртов, застанал жив пред Него; зарем не биле едно заповедта и молитвата на Животодавецот? Тој викнал со силен глас, и тоа заради присутните, бидејќи можел не само тивко, туку и само со волјата да воскресне, и тоа оддалеку, додека каменот сѐ уште лежел над гробот. Тој, пак, му се доближил на гробот и им рекол на присутните да го тргнат каменот, а овие го почувствувале непријатниот мирис на распаѓањето и тогаш Тој со силен глас му се обратил на Лазар, го повикал кај Себе, и токму тогаш го воскреснал. И сето тоа, за тие да видат со сопствени очи, бидејќи биле крај гробот, со сопствениот нос да ја почувствуваат смрдеата на мртвото тело кое четири дена било во гробот, и со сопствениот допир да почувствуваат – затоа што со своите раце го допреле каменот кога го отстранувале од гробот, потоа плашатаницата и убрусот на главата кога го одвивале, како и лично да го чујат Господовиот глас кој допрел до ушите на сите присутни. Значи, преку сето тоа, тие поверувале дека Тој е Оној Кој „го повикува непостоечкото кон постоечко“, Кој сѐ носи со силата на Своите зборови и Кој на почетокот со еден Свој збор сѐ доведе од небитие во битие.

Свети Григориј Палама