Цветници (28.04.2013)
Кога Царот, седејќи на осле, влегол во Ерусалим, сите луѓе – деца, возрасни, старци, простирајќи ја својата облека и со палмови гранчиња во рацете, кои се симбол на победата, брзо Го пресретнале, како Животодавец и Оној Кој ја победил смртта. Паднале на колена пред Него и потоа оделе по Него, не само на влезот од градот, туку и во самото свето место, гласно пеејќи: „Осана на Синот Давидов! Осана во висините!“ Пофалната песна „Осана“ се вознесува бидејќи во превод значи „Слава“. Додавајќи „во висините“, покажале дека Тој се прославува со песна не само на земјата и не само од луѓето, туку и од ангелите на небото.
* * *
Значи, како деца, посетени од Светиот Дух, тие на Господ Му принеле совршена и потполна химна, сведочејќи дека Тој, како Бог, го оживеа четиридневниот мртовец Лазар... Да бидеме и ние, во однос на злото, и млади и стари – незлобливи како деца, за така охрабрени од Бога да добиеме награда и да го носиме плодот (симболот) на победата, не само над страстите, туку и над невидливите и видливите непријатели, и така благодарејќи Му на Господ да се здобиеме со помош во вистинско време. Токму тоа младо осле, на кое заради нас Господ седнал, било праслика на народот кој ќе Му се покори Нему, а меѓу кои се наоѓаме и ние, било да сме кнезови или потчинети.
Како што во Исус Христос, како што кажува Божјиот апостол, нема ни машки ни женски пол, ни Елин ни Јудеец, туку сите се едно, така во Него нема ни кнез ни потчинет, туку сите ние преку верата во Него и Неговата благодат сме едно. Наоѓајќи се во Неговото Тело, во Црквата, ние имаме една Глава – Него; благодатта на Светиот Дух соединува само во еден дух; сите сме примиле едно крштение; и сите имеме една надеж; и еден е нашиот Бог, над сите и преку сите, и во сите нас. Значи, да се љубиме еден со друг, да се трудиме еден за друг, бидејќи сме соединети едни со други. Знакот според кој нѐ познаваат дека сме Негови ученици е љубовта, и тоа е Татковото наследство кое Тој ни го остави заминувајќи од овој свет. И последниот совет кој ни го даде при заминувањето кај Својот Отец ја утврди нашата меѓусебна љубов.
Да се трудиме и да го следиме Татковиот совет и да не го отфрламе Неговото наследство, ниту знаците за препознавање кои ни ги даде, за на тој начин да не го отфрлиме посинувањето, ниту благословот, ни учеството со кое нѐ удостои, и така да не ни се случи да отпаднеме од она на што се надеваме. И како што на патот за Ерусалим, воочи Христовите страдања, народот ја простираше својата облека пред Него, и не само народот, туку и народните кнезови (зборувам за Господовите апостоли), така и ние, да ги простреме облеките кои ни се својствени, всушност нашето тело, покорувајќи ги неговите желби на духот, за не само да се удостоиме да ги видиме и да им се поклониме на спасоносните Христови Страдања и Светото Воскресение, туку и да се насладиме со соединувањето со Него. Затоа што, ако „се соединиме“, вели апостолот, „со Него во еднаква смрт, ќе бидеме соучесници и во Воскресението“ (Рим. 6, 5), кое сите треба да го дочекаме со благодатта и човекољубието на Господ и Бог, и нашиот Спасител Исус Христос, Кому Му доликува секоја слава, чест и поклонение, со беспочетниот Негов Отец и Живототворниот Дух, сега, секогаш и вечно. Амин.
Свети Григориј Палама