За милостината и десетте девојки (30.04.2013)
Зарем не ја знаеш евангелската приказна за десетте девојки, како оние кои не давале милостина останале надвор од брачната веселба иако се подвизувале во девственоста? Имаше, вели (Писмото), десет девојки, пет неразумни и пет мудри. Мудрите имале елеј, а неразумните не, и затоа нивните светилници почнале да се гасат. Неразумните им се приближиле на мудрите и им рекле: „Дајте ни од вашиот елеј“ (Матеј 25, 8). Се срамам и црвенеам, и плачам кога слушам за неразумната девојка; црвенеам кога слушам дека тие се така наречени иако се здобиле со толку голема добродетел, после подвигот на девственоста, и кога своите тела ги вознеле на небо и се натпреварувале со небесните сили – претрпеле оган и му одолеале на сластољубието. И после сето тоа, наречени се неразумни, и тоа со право, затоа што, иако направиле многу, од малку биле победени. И дојдоа, се вели, неразумните, и им рекоа на мудрите: „Дајте ни од вашиот елеј“. А тие одговорија: „Не можеме да ви дадеме, може да не ни стигне и нам, и вам“ (Матеј 25, 9). Тие го направиле тоа поради краткото време, бидејќи очекувале да дојде младоженецот, а не заради нечувствителност или злоба. Неразумните имале светилници, но во нив немало елеј. Девственоста е пламенот, а милостината елејот. Затоа, како што пламенот се гаси ако не му се додаде елеј, така и девственоста се гаси кога нема милостина. Мудрите одговориле: „Не можеме да ви дадеме“. Ова не го рекле од злоба, туку од страв: „ Можно е да не ни стигне и нам, и вам (иако сите се трудиме да влеземе), подобро одете кај продавачите и купете си!“ А кои се продавачите на овој елеј? Сиромашните кои седат пред црквата и очекуваат милостина. А по која цена се продава? По која ти сакаш: цената не се одредува за ти да не се повикаш на сиромаштијата. Колку имаш, за толку купи. Имаш ли пари? Со нив купи си небо, не затоа што небото лесно се купува, туку затоа што Господ е човекољубив. Немаш ли пари? Дади чаша ладна вода. „И кој напои еден од овие мали само со чаша студена вода како Мој ученик, навистина ви велам, нема да ја загуби својата награда“ (Матеј 10, 42). Небото се купува и продава. Дади леб, добиј рај; дади малку, земи многу; дади смртно, земи бесмртно; дади распадливо, земи вечно. Кога на некој панаѓур евтино и во големи количини би се продавале разни продукти, и би можело заради ниските цени многу да се добие, зарем не би го продале имотот и зар не би оставиле сѐ, за да учествувате во таква трговија? И ете, каде што е распадливото, таму покажувате голема ревност, а кога се работи за бесмртното, тогаш сте толку невнимателни и лесномислени. Дади му на сиромашниот, па јас макар и да замолчам, илјада усти ќе проговорат дека милостината ќе стане и ќе те заштити: милостината ги спасува душите. Како што пред вратите на црквите се наоѓаат сатчиња, наполнети со вода, за миење на рацете, така пред црквата седат сиромашните за да ги измиеш рацете на својата душа. Ги изми ли рацете со вода? Со милостина измиј ги и рацете на душата. Не се оправдувај со сиромаштвото. Вдовицата во крајна немаштија со голема радост го примила Илија во својата куќа, затоа што сиромаштијата (за неа) не била пречка; затоа и ги добила достојните плодови и собрала зрело класје од милостината. Можеби оној кој слуша (чита) ќе рече: „Дај ни го Илија“. Зошто го бараш Илија? Ти го давам Господ на Илија, и не го храниш. Христос, Господ на сите, рекол: „Доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“ (Матеј 25, 40).
Свети Јован Златоуст
(Дел од беседата која се чита на Велик вторник, на часовите, после Четвороевангелието)