Велик петок (03.05.2013)
Дали знаете, браќа мои, дали сфаќате зошто и поради што Христос бил распнат? Тој бил распнат заради нас и нашето спасение.
Погледнете Го Распнатиот!
Ги гледате ли Неговите нераспадливи стапала кои се приковани на Крстот? Тие се заковани заради нас, да ги исправат нашите стапки на патот кон Вистината, верата и добродетелите! Ги гледате ли Неговите раширени раце на Крстот? Тие претставуваат слика на огнената љубов со која Тој нѐ љуби. Тие нѐ прегрнуваат и предаваат на Неговиот небесен Отец, тие нѐ прават Негови деца и синови и богови по благодат! Го гледате ли Неговото прободено ребро од кое истекле крв и вода? Водата го преставува Крштението со кое се очистуваме од првородениот грев. Крвта ја претставува бескрвната жртва која се принесува во светите олтари: причестувајќи се со неа ние се осветуваме и соединуваме со Него, станувајќи едно Тело. И како што загрижената мајка ги храни своите деца со млеко, така и нашиот најсладок Исус нѐ храни како Свои љубени дечиња, но не со млеко, туку со самите Свои Тело и Крв.
Видете Го, цареви, Царот на сите од Кого сте ги примиле круната и жезолот! Видете Го, архиереи и свештеници, вашиот Првоерарх и Првосвештеник, од Кого сте ја примиле вашата служба! Видете Го, мирјани – мажи и жени, млади и стари – вашиот љубен Отец Кој ве храни, Оној Кој ги создал полињата, долините, реките, планините, клисурите и шумите! Видете Го сите! Погледнете како виси распнат на Крстот, целиот испосечен и со крвави рани! Побрзајте, сите и покријте ги со целиви Неговите нераспадливи стапала, опсипете ги и измијте ги со солзите на покајанието! Засакајте Го со целата своја душа како што и Тој ве засака вас, и подобро умрете отколку да паднете во смртен грев и да Го нажалите таквиот Владика и љубениот Отец. Секој грев што ќе го направат христијаните е по еден нов клинец забоден во Христовото Тело. Христос не е толку тажен поради тоа што Евреите Го распнаа, колку што е нажален што христијаните, за кои Тој ја пролеа Својата Крв (и секојдневно ја пролева во светите олтари), секојдневно Го распнуваат со своите гревови, „и повторно го распнуваат и срамат Синот Божји“, како што вели св. Павле.
Чујте, христијани, и вразумете се! Секој кој оди по патот на блудот, развратот, расипаноста, пијанството и разузаданоста, ист е како оние Евреи кои ги заковале клинците во Исусовите нозе! Секој кој присвојува туѓо, кој краде и кон другите се однесува неправедно, исто така, кове клинци во Исусовите дланки! Оној кој е горделив става трнов венец на Исусовата глава! Љубоморниот во срцето и завидливиот на своите соседи го прободува Исусовото ребро! Оној што пцуе и хули на Бога плука во Неговото лице! Внимавајте, христијани! А уште колку такви гревови има меѓу вас, гревови со кои Го распнувате Христос како што тоа го правеле Евреите! Но, знајте дека Оној Кој сега виси распнат на крсното Дрво и Кого Го навредувате со своите гревови, еден ден ќе дојде на небесните облаци во голема слава и сила како страшен и непристрасен Судија на живите и мртвите. Тешко вам, тогаш! Тешко на сите оние кои ќе умрат без да се покајат!
* * *
Да се покаеме додека сѐ уште има време, бидејќи Господ го сака човекот и бавен е во гневот, а многу е милостив. Господ е долготрпелив и многумилостив, Господ ги заборава нашите гревови. „Господ не ни враќа за нашите гревови, ниту нѐ наградува според нив“. И како што Го молел Својот Отец за Евреите, за оние кои Го распнале, велејќи: „Отец прости им, не знаат што прават“, така се моли и за оние христијани кои хулат на Него. Господ го љуби човекот, но Господ е и праведен. Како Човекољубец, Тој е милостив, но како праведен Судија, Тој казнува, но не гршниците кои се каат, туку непокајаните грешници. „Ако безбожникот не сака да се обрати, Тој го остри Својот меч, го затегнува Својот лак и ги подготвува против него Своите смртоносни оружја, ги прави огнени Своите стрели“... Љубени, да се покаеме пред да се приближи смртниот час, затоа што после смртта веќе нема покајание. Да се поакеме пред да дојде страшниот ден на Судот, кога ќе дадеме одговор за сите наши дела. Да се покаеме за да можеме да добиеме простување на гревовите и да застанеме од десната страна на Бога, и да добиеме вечно и бескрајно блаженство. Сите да го добиеме тоа блаженство на благодатта и милоста на Исус Христос, Синот Божји, Кој беше распнат за нас.
Старец Филотеј Зервакос
(Дел од беседата изговорена на Голгота, за време на поклоничкото патување низ Палестина и Синај, во 1924 г.)