Синаксар на светата и Велика сабота
 
 
 
 
 

Синаксар на светата и Велика сабота (04.05.2013)

                                                                                                                    Залудно го чуваш гробот, стражо:  

                                                                                                                    гробницата нема да Го задржи Животот!

 

На светата и Велика сабота го празнуваме боготелесното погребение на нашиот Господ Исус Христос и Неговото слегување во пеколот, со што човечкиот род е спасен од пропаста и добива вечен живот.

Сите денови ги надвишува Великата Четриесетница, но над неа е светата и Велика (страсна) седмица, и над самата Страсна седмица е оваа Велика и света сабота. Оваа седмица не ја нарекуваме Велика затоа што нејзините денови или часови се над останатите, туку зашто во неа се направени големи и натприродни чуда, и прекрасни дела на нашиот Спасител, а особено на денешниов ден. Како што за време на создавањето на светот Бог најпрво ги создаде сите созданија и најпосле, во шестиот ден, го создаде најчудесниот човек, а потоа, во седмиот ден, одмараше од сите Свои дела, го освети тој ден и го нарече сабота, што значи починка (одмор), така во времето на создавањето на умниот поредок, најпрво чудесно заврши сѐ (делото на искупување), потоа во шестиот ден (петок) повторно создаде смртен човек и го обнови со животоносен Крст и смрт, а потоа, на денешниот, повторно седми ден, Господ започна совшена починка од делата така што одмори (се упокои) од животот во природен и спасителен сон. Синот со телото слегува во гроб; слегува и во пеколот со Својата бесмртна и Божја душа, која преку смртта се одвоила од телото: Тој неа ја предал во рацете на Отецот; Нему доброволно Му ја принел и Својата Крв, која станала наше спасение. Но Господовата душа не била задржана во адот, како душите на другите свети. Зошто? Затоа што прародителското проклетство ништо не направило со неа, како со останатите. Нашиот непријател, ѓаволот, не ја допрел ни Крвта, со која сме спасени, иако владеел со нас, бидејќи како е можно ѓаволот-крадец да го грабне пратениот Бог, па дури и Самиот Бог? Всушност, нашиот Господ Исус Христос се вселил во гробот телесно, но Тој (истовремено) бил и во рајот со разбојникот и, како што кажавме, во пеколот со својата обожена душа, и натприродно бил со Отецот и со соприсуството на Светиот Дух – во сѐ бил, како неопислив (безграничен) Бог, и Божеството на никој начин не пострадало ниту во гробот, ни на Крстот. Господовото тело искусило и пропадливост [φθορά], односно одделување на душата од телото, но никако не се расипало (распаднало)  [διαφθορά], односно не било целосно уништено, потполно не исчезнале стихиите (елементите) од кои е составено. Но Јосиф, симнувајќи го од Дрвото светото Господово тело, го погребал во нов гроб во градината, и на влезот од гробницата ставил многу голем камен. Следниот ден, пак, во петокот, Евреите дошле кај Пилат и му рекле: „Господару, се сетивме дека оној лажго уште додека беше жив рече: После три дена ќе станам. Затоа, мислиме дека би било добро да наредиш кај гробот да се постави војничка стража“. Пилат им одговорил: „Ако е лажго, зошто се плашите од зборовите на оној кој бил жив, кога сега неспорно умре?“ Кога рекол: „Ќе станам“ – можеби тие извеле ваков заклучок од примерот на Јона.

Во секој случај, ако покрај гробот се постави стража нема да има кражба. Какво безумие! Работеле за себе, а не сфатиле дека со тоа се свртеле против себе. И ете, кога Пилат наредил, поставиле стража и гробот внимателно го запечатиле и обезбедиле. И тоа, за Господовото Воскресение, во присуство на туѓи стражари и печати, да не може да биде преиначено. Но од тој миг, штом ја почувствувал најмоќната сила, пеколот почнал да трепери и да се збркува; и набрзо после тоа, адот, кој неправедно Го проголта, Го исфрла Христос, најтврдиот и аголниот камен, и оние кои од дамнина ги сместувал во својата утроба како во свој храм.

Со неискажливото Твое слегување, Христе Боже, помилуј нѐ. Амин.

(Се чита на Утрената, после шестата песна)