Беседа на Пасха – Воскресение
 
 
 
 
 

Беседа на Пасха – Воскресение (05.05.2013)

Пасха е Господова, Пасха, и пак ќе речам Пасха, во чест на (Света) Троица. За нас ова е празник над празниците, свеченост над свеченостите; толку ги надминува сите останати – не само оние човечките, земните, туку и Христови кои се прославуваат во Негово име – како што сонцето ги надминува ѕвездите. Добра ни беше и вчерашната (великосаботна) светлина, која секој лично и сите заедно ја празнувавме, речиси секој чин човечки, просветлувајќи ја ноќта со преизобилен оган, праобразот на Големата Светлина: и оние (сончевите) со кои небото од горе го осветлува целиот свет со неговата убавина; и оние небесните меѓу ангелите, кои по природа светат од Првата (Божја) Светлина; и оние (светлини) во Троица, од кои потекнува секоја светлина, од Невидливата Светлина разделувана и прославувана. Но денешната (Светлина) е поубава и посветла, бидејќи вчерашната беше предвесник на Големата Воскресна Светлина и некој вид на претпразнична радост.

А денес го празнуваме самото Воскресение, не само во надеж очекуваното, туку и веќе исполнетото, кое во себе го собира целиот свет. Затоа, секој нека принесе плод, и нека донесе празничен подарок, мал или голем, од духовните и мили на Бога дарови, секој според силите.

*  *  *

Оваа Пасха, голема и почитувана, Евреите ја нарекле Фаска, на нивниот јазик, а зборот означува премин, историски: бекството и преминот од Египет во хананејската земја; а духовно: тоа е преминот од долните (земни реалности) кон оние горе (небесните) и напредок и влез во ветената земја. Некои менувајќи го зборот во елински, од Фи во Пи, и Капа во Хи, овој ден го нарекле Пасха. И навиката го превзела овој збор, го направила појак, бидејќи ушите на многумина му пристапуваат како на благочестив (побожен) збор.

*  *  *

Станавме (создадени сме), да го доживееме убавото; го доживеавме бидејќи сме создадени. Доверен ни е рајот, за да уживаме. Добивме заповед, исполнувајќи ја, добро да напредуваме; не дека Бог не знаел што ќе се случи (во иднина), туку ја озаконил слободната волја. Измамени сме, затоа што ѓаволот ни завидуваше; отпаднавме, зашто не ја исполнивме (заповедта); постевме, затоа што не постевме (тогаш), бидејќи нѐ совлада желбата за познание на дрвото. Затоа што заповедта беше престара, и истовремено ни беше педагогија и опаметување на душата, заради уживањето, која (педагогија) ни беше умесно заповедана: она што не исполнувајќи го изгубивме, исполнувајќи да го добиеме. Му требавме на воплотениот и умрениот за нас Бог, за да живееме (вечно); соумревме за да се исчистиме; станавме (совоскреснавме со Христос) затоа што умревме (со Него), се сопрославивме, бидејќи совоскреснавме (со Него).

Многу чуда се карактеристични за Пасхата: Бог е распнат, сонцето се затемнило и повторно засветило, бидејќи требало со Творецот да сострадаат и созданијата; крв и вода се излеале од ребрата – едното својствено за човекот, другото за надчовекот; земјата се затресла, камењата поради Каменот се распаднале, мртвите станале заради верувањето во последното и општо воскресение; чудесни знаци на гробот, и оние после тоа; кој би можел достојно да ги пофали? Но ниту едно не е (такво) како чудото на моето спасение; малку капки крв и целиот свет се препородува, и стануваат како млеко за сите луѓе, соединувајќи нѐ и собирајќи нѐ во едно (Христово Тело = Црква).

Но, о Пасхо голема и света, и за целиот свет очистителна! Ќе разговарам со тебе како жива. О Боже, и Светлина, и Живот, и Мудрост, и Сило! Ќе се радувам на сите Твои имиња. О Христе, и Пород, и Движење, и Печат на Големиот Ум (Отецот)! О Слово, виден Човеку, Кој сѐ држиш собрано во силата на Твоите зборови!

Еве, сега го имаш ова (од нас), не почеток, туку дополнување како наша плодоносност. Истовремено благодарен и молитвен збор: ништо да не претрпиме освен потребното за Твоите заповеди, трудови и свети маки, со кои и живееме. Ако достојно ја постигнеме посакуваната цел, и бидеме примени во небесниот град, најверојатно и таму ќе Ти принесуваме пријатни жртви на светиот Твој жртвеник, о Оче, Сину, и Свет Духу, бидејќи Тебе Ти доликува сета слава, чест, и сила, вечно. Амин.

Свети Григориј Богослов, архиепископ Константинополски