Слово на Светлата Пасхална седмица
 
 
 
 
 

Слово на Светлата Пасхална седмица (06.05.2013)

Сега сѐ се исполни со светлина: небото, земјата и пеколот... Христос воскресна!

Божји дечиња! Ве поздравувам со преобилната неземна радост, осветлувајќи ве со силата на Божјите зборови: „Христос воскресна!“

Благодатниот пламен на таа спасоносна вест, што повторно силно се разгоре над Господовиот грб, се рашири низ светот!

Преисполнувајќи се со светлината на тој пламен, Божјата Црква денес ни подари: „Христос воскресна!“

Љубени во Христос браќа и сестри, пријатели мои! Вие, секако, и самите забележавте, меѓу многуте наши големи и радосни христијански празници, по својата свеченост и посебна радост се издвојува празникот на светлото Христово Воскресение – празникот над празниците и свеченоста над свеченостите!

Во нашата Православна Црква не постои служба која е повеличествена и повпечатлива од воскресната. Токму поради тоа сите верни така брзаат кон храмот на воскресната ноќ.

Воскресната (пасхална) богослужба навистина е слична на преубавата гозба, која Господ им ја подготви на сите што доѓаат под благодатната сеница на Неговиот дом.

Замислете се во содржајните воскресни зборови на св. Јован Златоуст! Со татковска нежност и радост Господ ги прима оние кои Го љубат со целото свое битие. „Блажен е оној кој се потрудил уште од првиот час“ – тоа се оние кои од раната младост непоколебливо чекорат по Неговите Божји стапки.

Меѓутоа, Тој не ги отфрла ниту оние кои надевајќи се на сомнежот во својата душа, Му се приближиле дури во зрели, па и во поодминати години. „За да не се исплашат во своето колебање, Господ со љубов го прима и последниот како прв: Тој ги прифаќа делата и ги бакнува намерите“.

Несомнено е дека сите вие, кои во текот на воскресната ноќ бевте во храмот, почувствувавте необична восхитеност... Нашите души ликуваа, преисполнети со чувство на благодарност кон нашиот Господ Спасител за вечниот живот што на сите ни го подари. Воскреснатиот Христос од земјата кон небото го вознесе човечкиот род и на човечкото постоење му даде возвишена смисла.

Човечката душа копнее за вечно среќниот живот. Таа го бара... Заради тоа луѓето се така копнежливи во храмот. Не само верните, туку и оние кои со својата свеќа се далеку од христијанството.

Тие не доаѓаат тука само за да ја гледаат свеченоста на христијанската богослужба. Нивната душа, која при раѓањето му е дадена на секој човек, тежнее кон Светлината на незелезното Сонце на правдата, тежнее кон Вистината.

Вернците во текот на таа света ноќ ја чувствуваат посебната сила на светлата радост на Христовото Воскресение, која изобилно се излева.

Тоа не би требало да нѐ чуди. Христовото Воскресение е темелот на нашата вера, тоа е неразрушливата потпора во нашиот земен живот.

Христос со Своето Воскресение им овозможи на луѓето да ја сфатат вистинитоста на Неговото Божество, вистинитоста на Неговото возвишено учење, спасоносниот карактер на Неговата смрт. Христовото Воскресение е крај на Неговиот животен подвиг. Друг крај не ни можел да постои, бидејќи тој е непосредна последица на моралната смисла на Христовиот живот.

Да не воскреснеше Христос, залудна ќе беше нашата проповед и вера, вели апотолот Павле. Меѓутоа, Христос воскресна и со Себе го совоскресна целото човештво!

Спасителот на земјата, на луѓето, им донесе совршена радост. Заради тоа во текот на воскресната ноќ во црквите слушаме псалмопеење, и самите учествуваме во него: „Твоето Воскресение, Христе, го воспеваат ангелите на небото, удостој нѐ и нас на земјата да Те славиме со чисто срце!“

Во Својата молитва пред крсните страдања, Тој од небесниот Отец бара на луѓето да им подари голема радост: „Освети ги со Својата вистина... за да ја имаат во себе Мојата полна радост“ (Јован 17, 17; 13).

Со Христовото Воскресение на човекот му се отвори нов свет на светлина и вистински блаженства.

Во текот на Својот земен живот, Спасителот повеќе пати ги изговори зборовите, скапоцени за верните души: „Јас живеам, и вие ќе живеете“ (Јован 14, 19), „и Својот мир вам ви го давам“ (Јован 14, 27). „Ова ви го кажав за Мојата радост да остане во вас и вашата радост да се исполни“ (Јован 15, 11).

За човекот се отвори нов живот. Му се овозможи да умре за гревот, за да воскресне со Христос и да живее со Него.

Во Посланието до Римјаните, апостолот Павле вели: „Ако пострадавме соединети со Неговата смрт, тогаш и со воскресението... но, ако умреме со Христос, веруваме дека со Него и ќе живееме“.

„Пасхата, која ни ги отвора рајските врати“, пееме во Пасхалниот канон.

Не постои, мили мои, посветла радост од воскресната. Ние се радуваме затоа што во Воскресението ни се открива нашиот вечен живот.

Нашата воскресна радост е радост заради преобразувањето (промената) на целиот наш живот во нераспадливост, заради нашето тежнеење кон бесмртното добро, кон нераспадливата убавина.

Ние сега ја празнуваме големата совршена тајна – Христовото Воскресение, победата на Животодавецот над смртта! Нашиот Спасител триумфираше над злото и темнината, и затоа богослужењето во нашата Православна Црква е толку исполнето со ликување (тиумф) и радост.

Верните ја исчекуваа таа свечена служба, подготвувајќи се за неа во текот на долгите седмици од светата Четириесетница. Природно е што сега срцата се исполнети со неопислива радост.

Најдлабоката смисла на Христовото Воскресение се содржи во вечниот живот кој Тој го подари на сите Свои следбеници. И еве, веќе полни две илјади години, Неговите следбеници непоколебливо веруваат не само дека Христос воскресна, туку и во своето идно воскресение за вечен живот.

За време на Својот земен живот, Христос повеќе пати зборувал за Себе како за носител на животот и воскресението. Меѓутоа, тие зборови на Учителот тогаш биле неразбирливи не само за народот, туку и за Неговите ученици и апостоли.

Смислата на тие зборови станала разбирлива дури после Неговото Воскресение. Дури тогаш и Неговите ученици сфатиле дека Тој навистина е Владиката на животот и Победникот над смртта. Така, тие тргнале да проповедаат за тоа по целиот свет.

Ние, љубени, во тие радосни денови си честитаме едни на други: „Христос воскресна!“ Така ќе се поздравуваме следните четириесет дена, до денот на Христовото Вознесение.

Само два збора! Меѓутоа, тоа се прекрасни зборови, кои изразуваат непоколеблоива вера во Вистината за нашата бесмртност; најрадосната за човечкото срце.

Христос е Живот! Тој многупати за Себе вели дека е извор на вечниот живот, бесконечен за оној кој ќе поверува во Него.

Христос воскресна - и вашата душа нека се радува во Господ!

Христос воскресна - и исчезнува стравот пред смртта.

Христос воскресна - и нашите срца се исполнуваат со радосна вера дека после Него и ние ќе воскреснеме.

Да се празнува Воскресението - тоа значи со целото срце да се спознае силата и големината на Христовото Воскресение.

Да се празнува Пасхата - тоа значи да се стане нов човек.

Да се празнува Воскресението - тоа значи со сето срце и помислите да Му се благодари и да се прославува Бог заради Неговиот неискажлив дар – дарот на Вокресението и љубовта.

И ние, заедно со вас, во тие денови ликуваме и радосно прославуваме, фалејќи и прославувајќи го подвигот на Божјата љубов.

Христос воскресна!

Да ги отвориме своите срца за средба со Оној Кој пострада заради нас, умре и воскресна. Тој ќе влезе и ќе го исполни нашиот живот со Себе и со Својата Светлина, преобразувајќи ги нашите души. Ние, пак, како одговор на тоа, љубовно ќе тргнеме по Него, по нашиот крсен пат бидејќи на неговиот крај, несомнено, блеска и нашето воскресение за вечен живот.

Да се празнува Воскресението – тоа значи да се стане нов човек. Таа спасителна состојба на нашите души, љубени, ви ја посакувам од срце!

 

Архимандрит Јован Крестјанкин