За Божјата Светлина (07.05.2013)
За да ја примиме и срцето да го осветлиме со Божјата Светлина, потребно е – колку што можеме – да се оттргнеме од видливото. Прво, чистејќи ја душата со покајание и добри дела, со искрена вера во Распнатиот, откако ќе ги затвориме телесните очи, треба умот да го спуштиме во срцето и да молиме и коленичиме, непрестајно изговарајќи го името на нашиот Господ Исус Христос. Тогаш човекот, според мерата на трудот и ревноста пред Љубениот, ќе најде наслада во повикувањето на името, а тоа наследство потоа ќе му предизвика желба да бара и повеќе да се просветли.
Кога умот преку вежбање ќе потоне во срцето, тогаш во него ќе засветли Божјата Светлина, осветлувајќи го домот на нашата душа со Божја зраци, како што кажува св. пророк Малахиј: „А вам кои се плашите од Моето име, ќе ве осветли Сонцето на Правдата“. Ова е Светлината, воедно и Животот, според евангелските зборови: „Во Него беше Животот и Животот беше Светлина за луѓето“.
Кога човекот внатрешно ја согледува вечната Светлина, тогаш неговиот ум станува чист и во себе нема никакви сетилни претстави, туку сиот задлабочен во созерцувањето на несоздадената Добрина, заборава на сѐ сетилно и не сака да го гледа во себе, туку сака да се скрие во утробата на земјата, само да не му биде одземено тоа вистинско богатство – Бог.
Повикувајќи нѐ да Го следиме со крстот, Господ поблиску ни го одредува самиот пат, отстранувајќи ги главните замки на него, и тоа не надворешните, туку внатрешните, кои се вкоренуваат во човековото срце. „Ако сакаш да одиш по Мене“ – како што вели – прво, немој да се сожалуваш себеси, зашто кој ќе прави така – ќе загине. Второ, не се врзувај љубовно за созданијата, затоа што, „која е ползата за човекот ако го придобие целиот свет, а на својата душа ѝ наштети?“ Трето, не се притеснувај заради она што ќе речат или како на тебе ќе гледаат другите, бидејќи, „кој се срами од Мене и Моите зборови, од овој грешен и прељубодејствен род, и Синот ќе засрами од него кога ќе дојде во слава на Својот Отец со светите ангели“. Самосожалувањето, љубовта кон имотот и срамот пред луѓето се трите главни синџири кои го држат човекот во кругот на небогоугодниот живот, на патот на страстите и гревот. Тие се главната пречка која му смета на обраќањето на грешникот. Тие се главен предмет на духовната борба во човекот кој се кае и кој веќе почнал да принесува плодови на покајание. Додека не се скинат тие врски, нема да има многу резултати во христијанскиот живот. Имено, сѐ дотогаш тој ќе биде полн со сплетки и падови, ако не секогаш надворешни, тогаш секако внатрешни. Затоа, секој нека се погледне внимателно. Ако во себе најде нешто од реченото, нека се потруди да се ослободи, инаку нека не се надева дека ќе стигне до совршенството во Христос, иако надворешно бил сосем исполнителен.
Свети Теофан Затворник