Господ вака му се обраќа на човекот (09.05.2013)
Сине, дали некогаш си размислувал дека сѐ што допира до тебе, истовремено допира и до Мене, бидејќи сѐ што се однесува на тебе, се однесува на зеницата од Моето око. Ти си скапоцен во Моите очи, бесценет, и Јас те засакав, па затоа Мене Ми е особено задоволство да те воспитувам.
Кога искушенијата ќе се појават и непријателот ќе надојде како река, знај дека тоа доаѓа од Мене, дека твојата немоќ чувствува потреба од Мојата сила, и дека си сигурен само тогаш кога Јас се борам за тебе. Ако се наоѓаш во тешки ситуации, меѓу луѓе кои не те разбираат, кои не водат сметка за тоа дали ти е пријатно, кои те отфрлаат, тоа доаѓа од Мене.
Јас сум Богот Кој управува со околностите. Ти неслучајно си се нашол на своето место. Тоа е токму она место кое Јас ти го одредив. Ме молеше да те научам на смиреност, па еве, види: те ставив во онаа средина, во она училиште, каде што се учи таа лекција. Твоето опкружување и луѓето кои живеат со тебе, само ја исполнуваат Мојата волја. Ако се наоѓаш во кусок од пари, тешко врзуваш крaј со крај, тоа доаѓа од Мене, затоа што Јас располагам со материјалните средства. Јас сакам Мене да Ми се обраќаш и да зависиш од Мене. Моите резерви се неисцрпни. Јас сакам да се увериш во Мојата верност и вистинитоста на Моите ветувања, за да не се случи, во твојата неволја, да ти речам: „Вие не верувавте во Господ вашиот Бог“ (5 Мој. 8, 12-13). Ако ја преживуваш ноќта на болката, ако си одвоен од твоите ближни, тоа доаѓа од Мене. Јас сум Утешителот и Исцелителот на болестите, Јас го допуштив тоа за Мене да Ми се обратиш и во Мене да ја пронајдеш вечната утеха.
Ако си се разочарал во својот пријател, во некој кому си го открил своето срце, тоа доаѓа од Мене. Јас допуштив да се разочараш, за да покажеш дека Господ е твојот најдобар пријател. Некому мораме да му го поклониме срцето, но ако го поклониме некому на земјата, сите можат да нѐ повредат.
Јас сакам сѐ да Ми принесуваш и да Ми се доверуваш. Некој те наклеветил. Таа работа препушти Ми ја на Мене, на своето прибежиште, за да се ослободиш од лошиот јазик. Јас ќе ја изнесам твојата вистина на светлината од денот и ќе ја докажам твојата невиност.
Ако твоите планови се срушиле и си паѓал со душата и телото, тоа доаѓа од Мене. Ти правеше планови и Ми ги кажуваше за Јас да ги благословам, но Јас сакам да Ми се препуштиш за да раководам со околностите во твојот живот. Тогаш одговорноста за сѐ ќе падне на Мене, затоа што таа е премногу тешка за тебе и самиот нема да можеш да излезеш на крај со неа.
Ако неочекувано те снашле животни неволји и ако тагата ти го исполнила срцето, знај, тоа доаѓа од Мене. Јас сакам твоето срце и твојата душа секогаш да бидат огнени пред Моите очи и со Моето име да ја победуваш секоја малодушност. Ако веќе подолго време не добиваш вести од оние кои ги сакаш, па паѓаш во малодушност, очај и негодуваш, тоа доаѓа од Мене. Преку страдањата на твојата душа, Јас ја испитувам силата на твојата вера во Моите ветувања и силата и моќата на твојата молитва за ближните, бидејќи ти нив не ги препушти на покровот на Мојата Пречиста Мајка, ниту на Мојата татковска грижата и љубов кон нив.
Ако си тешко болен од минлива или неизлечива болест, па си прикован за постелата, знај дека тоа доаѓа од Мене. Јас сакам, во својата телесна немоќ, уште полабоко да Ме запознаеш. Сакам да не негодуваш заради тоа што ти е пратено искушение и да не ги испитуваш Моите непроценливи планови за спасението на човечките души, туку со доверба да Ми се препуштиш и да дојдеш под Мојата закрила.
Ако си размислувал да направиш некое дело заради Мене, а наместо тоа си паднал во постела и си изгубил сила, знај дека тоа доаѓа од Мене. Кога беше презафатен со своите обврски, и твоите мисли беа далеку од Мене. Потсети се дека некои од Моите најдобри соработници се оддалечија од светските работи за во мир да научат да се молат непрестајно. Ако неочекувано си повикан да заземш некоја тешка и одговорна положба, оди, прифати ја, и потпри се на Мене. Јас ти ја доверувам таа задача, бидејќи затоа те благословил Господ Бог во сите твои дела, во сѐ што ќе правиш со своите раце.
Денес ти го давам овој сад со елеј, совет од Светата Живототворна Троица. Дете мое, слободно употребувај го. Секоја тешкотија што ќе се појави, секој навредлив збор што ќе го примиш, секоја пречка во твојата работа која може да те натажи и обесхрабри, секоја своја немоќ и неспособност - освети ги со овој елеј. Помни дека секоја неволја е Божја поука, можност нешто да научиш. Секоја острина ќе отапи за да не се повредиш. Затоа во своето срце втисни ги зборовите кои денес ти ги објавив – тоа доаѓа од Мене. Затоа што ова за тебе не се само зборови, туку твој живот!
Блажен Серафим Роуз