Христијанинот нема причина да очајува
 
 
 
 
 

Христијанинот нема причина да очајува (10.05.2013)

Христијанинот нема причина да очајува

...Ти добро знаеш што претскажале древните Отци за нашето време. Рекле: „Луѓето тогаш ќе се спасуваат со вера, трпение во искушенијата и болестите, и со покајние. Ние немаме дела. Во сѐ и во секое време не ги исполнуваме Христовите заповеди, затоа ни преостанува да се каеме, трпиме и да веруваме дека Господ Исус Христос, Кој дојде да ги најде и спаси оние кои пропаѓаат, ќе нѐ спаси и нас, кои Го молиме да ни прости и да нѐ спаси. Во тоа треба цврсто да веруваме. Оној кој се надева на своите дела, гради куќа на песок. Спасението на луѓето е работа на Божјата милост, Божји дар за паднатиот човечки род, кој поверува во Христос, стана свесен за својата пропаст и кој моли со зборовите на митникот: „Боже, биди милостив кон мене грешниот“.

За човечките дела Господ Исус Христос рекол: „Кога ќе исполните сѐ што ви е заповедано, речете: ние сме бескорисни слуги, затоа што го извршивме она што бевме должни да го направиме“. Тоа значи, бидејќи сме слуги и Божји созданија, обврзани сме да ја исполниме сета Божја волја, односно сите заповеди, а дали оној кој ќе ги исполни заповедите ќе влезе во Божјото Царство, тоа зависи од Божјата милост. Не нашите дела, туку смирението многу влијае врз Божјата милост.

Треба да се плашиме од смртта и да се подготвуваме за неа, но не и да очајуваме и да го гасиме духот – тоа е ѓаволско дело. Господ на сите им заповеда во секое време да бидат подготвени за смрт. Затоа соновите кои предизвикуваат униние и очај се од ѓаволот. Божјите сонови допираат до срцето, смируваат, даваат сила и надеж во Спасителот, Кој дојде на земјата и беше распнат на Крстот заради спасението на оние кои гинат и се сметаат недостојни за Божјото Царство. Сите свети се сметале за големи грешници. Сето тоа добро го знаеш. Јас само по нешто ти напомнувам. Труди се според силите, но надевај се на Господ, Кој ја храни целата вселена. Кој Му приоѓа на Христос со вера и исполнување на заповедите, според силите, како и со покајание, тој ќе биде со Христос и после заминувањето од овој свет: „Оној кој доаѓа кај Мене нема да го избркам надвор“. Еве порака за сите: христијанинот нема причина да очајува.

Игумен Никон (Воробјов) († 1963)

(Сакал да стане психијатар, но по извесно време се разубедил во можноста науката да го спознае човекот и доживеал изворно обраќање кон Бога. Го напуштил Невропатолошкиот институтот во Санкт Петербург и почнал да живее осаменички и аскетски живот, изучувајќи ги Евангелието и светите Отци, во кои го пронашол „она единственото потребно“)