За покајанието
 
 
 
 
 

За покајанието (11.05.2013)

Покајанието го изградува човекот; тоа ни е дадено за да ја лечиме нашата душа. Кога не би постоело, тешко дека човекот ќе може да се спаси. Токму заради тоа добродетелта на покајанието трае сѐ додека човекот е жив, зашто единствено совршените не грешат. Чеда мои, кога и да почувствувате дека вашите мисли ве прекоруваат заради некој грев, во истиот миг земете го лекот: покајте се, плачете, исповедајте се, и така ќе се вратите во својата претходна, подобра состојба.

Покајанието е бесконечно. Со помош на Божјата благодат, човекот може да ги усоврши сите добродетели, но никој не може совршено да се покае. Покајанието ни е потребно до последниот здив, бидејќи, и само со едно трепнување можеме да згрешиме.

Искрено да се покаеме. Да се исповедаме искрено и исцрпно. Постојаното да размислуваме за Божјиот суд и Неговите одлуки, и да велиме: „Се прашувам, дали ќе се спасам или ќе се соочам со пеколните маки?“ Сега е моментот да ги пролееме солзите на покајнието; тоа треба непрестајно да го правиме. О, колку би требало да размислуваме за тоа дали нашата душа е бела и чиста! Ние мораме да ја исчистиме, инаку нема да бидеме во состојба да застанеме пред Христос, вакви какви што сме сега.

Времето на овоземниот живот поминува тивко и незабележително, а како што поминува времето се зголемува и престапот на секој човек, иако човекот не е свесен за тоа. Еден ден ќе сфати, ќе се зачуди и ќе рече: „Се насобрале толку гревови а јас, несреќникот, не сум знаел за тоа! Тешко мене, бедниот, што ме чека сега, како ќе поминам низ митарствата?“

Да, чедо мое, тоа ќе ни се случи на сите. Сега треба да се подготвиме што е можно побрзо, затоа што не го знаеме ни денот, ниту часот кога ќе дојде Господ, кога ќе затропа на врата на душата и ќе нѐ повика да дадеме отчет. Според тоа, секогаш треба да бидеме претпазливи и спремни за патувањето, во еден правец, кон небото.

Љубен брату, Бог Кој нѐ удостои со Својата посета, нека ни подари вистинско покајание, со кое ќе ја намалиме Божјата осуда. Вистинското покајание е она покајание кое се појавува во тагата поради направените гревови, во плачот по Бога, во пламените солзи кои ги рушат тврдините на гревот и во вистинската и искрена исповед. Покајанието не остава ништо неисцелено. Да не му беше дадено на човекот, никој немаше да се спаси.

Триумфот и победата на човекот му се дадени преку оружјето на покајанието. Слава на единствениот и премудар Бог, Кој на човекот му подари таков делотворен лек, кој ја исцелува секоја болест, сѐ додека се зема на пропишаниот начин.

Брате, да се бориме! Да живееме во простодушноста и бескрајот на детските срца, како што кажал Спасителот: „Ако не бидете како деца, нема да влезете во небесното Царство“. Со помош на простодушноста и верата ќе бидеме слободни од лошото мечтаење кое го уништува доброто семе на Светиот Дух. Работите ќе се одвиваат во согласност со нашата вера: она што ќе го посееш, тоа и ќе го ожнееш.

Да Го молиме Бога за покајание и Тој ќе ни го подари, а на тој начин ќе протече порој од животоносни солзи. Тоа во нашите срца ќе ги донесе плодовите на Светиот Дух.

Моли се и за мене, мој сакан брате, Господ да ми подари покајние пред да заминам на големото патување од овој свет, бидејќи не сме создадени за земјата, туку за небото.

Старец Ефрем Филотејски и Аризонски