За послушанието, благословот и рајот
 
 
 
 
 

За послушанието, благословот и рајот (13.05.2013)

Ќе ви зборувам за овие три работи. Тие се меѓусебно цврсто поврзани и не можат да се исполнат едно без друго. Бидејќи, без послушанието никој не може да влезе во рајот, ниту пак, послушанието е целосно и совршено без благословот.

Прво да покажеме што е послушание. За него св. Јован Лествичник вели: „Послушанието е целосно одрекување од својата душа, или обратно, послушанието е умртвување на членовите,  со разумот. Послушанието е извршување на должностите без испитување. Послушанието е доброволна смрт, живот без љубопитност, без грижи во опасностите. Послушанието е гроб на сопствената волја и тоа ќе го воскресне смирението...“

За да сфатиме колку е голема  опасноста, кога сме непослушни, и колку е голема Божјата казна над непослушните, најпрво треба со умот да се вознесеме на небото, и да видиме како една третина од ангелите, заради непослушноста и гордоста отпаднаа од Бога (Откр. 12, 4). Затоа што, според светите Отци, гордоста не е ништо друго туку омаловажување на послушанието. Штом се прекршила заповедта на послушанието, целиот човечки род се оддалечил од рајот. Значи, гледаме дека насекаде, неисполнувањето на послушанието предизвикува смут и раздор. Од раководењето на државата, па до раководењето на семејството непослушанието придонесува за сплетки, непотчинување, нарушување на добриот поредок во државата, општеството, манастирот, семејството и секаде каде што живеат луѓето. И како што непослушанието придонесува за погибел (2 Сол. 1, 8-9), преку послушанието на нашиот Господ Исус Христос кон Отецот, Кој го прати во светот заради наше спасение, вечниот живот влезе во светот (Јован 3, 16; 3, 36), затоа што Тој заради нашето спасение „беше послушен до смрт, и тоа смрт на Крстот“ (Фил. 2, 8).

Старец Клеопа