Човечката трагедија
 
 
 
 
 

Човечката трагедија (14.05.2013)

Трагедијата на нашето време лежи во нашата речиси целосна несвесност или необрнување внимание на тоа дека постојат две царства: привремено и вечно. Сакаме да изградиме небесно Царство на земјата, отфрлувајќи ја секоја помисла за Воскресението или вечноста.

Видов дека во Бог нема трагедија. Трагедијата е присутна единствено во судбината на човекот кој својот поглед не го издигнал над ограничените земни видици.

Од моментот кога Светиот Дух ќе ни подари познание на личносната форма на молитвата, ќе можеме да почнеме да ги кинеме синџирите со кои сме оковани. Излегувајќи од темната ќелија на себичниот индивидуализам на широките пространства на животот според Христовиот лик, ние ја согледуваме природата на евангелскиот персонализам. За момент да застанеме и да ја разгледаме разликата помеѓу овие два теолошки поими: поединец и личност. Позната е вистината дека егото е оружје во борбата за опстанок на оној поединец кој го одбива повикот од Христос да го отвори своето срце за потполната, универзална љубов. Личноста, напротив – било да се работи за Божјото или за човечкото – е непоимлива без сеопфатната љубов. Долготраен и немалку лесен, подвижничкиот напор може да ни ги отвори очите за онаа љубов на која нѐ учи Христос, и ние можеме да го разбереме целиот свет преку самите себе, преку сопствените страдања и барања. Стануваме слични на радиото кое ги фаќа сите светски станици: во состојба сме да се поистоветиме со трагичниот елемент, не само на животот на поединецот, туку и на светот во целина, и се молиме за светот како за самите себе. Во овој вид на молитва духот ги согледува бездните на злото, мрачните последици од вкусувањето од „дрвото за познание на доброто и злото“. Но не го гледаме само злото – исто така, воспоставуваме врска со Апсолутното Добро, со Бог, Кој ја вознесува нашата молитва во созерцување на Несоздадената Светлина. Тогаш душата може да заборави на светот за кој се молела, и да престане да биде свесна за телото. Тогаш, молитвата на Божјата љубов станува дел од нашето битие, нашето тело.

Душата може да се врати во овој свет. Но човечкиот дух, искусувајќи го своето воскресение и доаѓајќи битијно, егзитенцијално во близина на вечноста, уште посилно е уверен дека трагедијата и смртта се последица на гревот, и дека не постои ниту еден друг пат до спасението, освен преку Христос.

Старец Софрониј Сахаров