Химната на Божјото име (16.05.2013)
Светите Отци не само што нѐ повикуваат, туку и нѐ молат усрдно да го прифатиме умното дејствување, односно постојаното изговарање на Божјото име. Со тоа дејство умот ја пронаоѓа душата (срцето), а душата прекрасниот Бог.
Светите Отци не ја објаснуваат само тајната на несетилното дејствување и не повикуваат само на умниот труд. Тие молат, па дури и преколнуваат да не ги отклонуваме своите уши од нивните молби и усрдно да го прифатиме пронаоѓањето на својата душа, односно умното дејство, кое почнува со извикувањето: „Помилуј ме“, постепено претварајќи се во вино на вечната веселба, според зборовите на св. Ефрем Сирин: „Да се трудиме во молитвата: таа е винова лоза, чие вино претставува вечна веселба“.
И уште на земјата тоа извикување на чуден начин се менува во радосно славословие на небесниот Бог, прекрасниот Спасител, Кој на чудесен начин го изврши нашето спасение и Кој нѐ спасува на едноставен, достапен и несфатливо чудесен Божји начин, односно преку постојаното повикување на Неговото најсвето име. И уште овде пискотниот плач ќе го замолкне умот, по долгите, многунапорни барања и солзи, по мачните ноќни и тајни солзења, по дневните молења и коленичења. На крајот, во внатрешноста, од далечината и како во магла (најпосле) ќе се види исмеаната убавина, својата бедна душа целата во болки, измачена, ранета од бестелесните сурови разбојници и насилници, во болна, беспомошна и бедна состојба. Преку солзите на големата болка тој со веселба гледа на својата изгубена и пронајдена радост, која ја сака и бара и Самиот Господ, па со радосна тага го зема за рака и го принесува пред Бог.
И тогаш, (ете ја Божјата убавина) ќе застанат пред благиот Бог, со својата придружничка (свенатата и поцрнета соучесничка во страстите), со носителката на земните сетилни и распадливи (телесни страсти), заради славословие, спасение и пофалба на прекрасното Господово име, името на вечната Божја љубов.
Ете ја Божјата убавина! Ете ја Божјата хармонија на небото и земјата!
Отците ја познавале таа Божја хармонија, таа тајна на Божјото Царство, кое постои во нас. Тие реално ја познавале: со живо чувство во срцето и прекрасна промена на својот ум и целокупниот живот. Затоа што, според св. Макариј Велики: „Христијанинот е ново создание, кое од сите луѓе на светот се разликува поради обновениот ум, смирените помисли, љубовта и небесната приврзаност за Господ, односно преку мислите на својот ум, кој живее на небото“.
Свесни за Божјата промена во себе, Отците нѐ молат веднаш, односно додека сѐ уште имаме време да пристапиме кон наведената активност за да ја спечалиме навиката која води кон вечноста. Тие нѐ преколнуваат да пристапиме со страв и трепет и со многу побожно внимание, ништо не барајќи од Господ, никаква слава, освен единствената милост.
Старец Јован Рижиски