За добродетелта (18.05.2013)
Добродетелта доаѓа како резултат на она што го бараме и сакаме. Оттаму, добродетелта е она што е посакувано, односно достојно за љубов или љубено. Добродетелта е толку љубено богатство за кое сите копнеат, или по кое сите се занесени. Според други, добродетелта е воздигнување и праќање на душата кон небото. Св. Василиј Велики вели: „Добродетел е бегање од зло и правење добро“, а св. Григориј Ниски вели: „Добродетелта е богатство без господар, ослободено од секоја потреба; она што е според нуждата и што е наметнато не може да биде добродетел. Добродетелта е мера за крајноста во секоја работа. Добродетелта не би можела да биде она на што му недостасува потребната мера или што ја надминува истата. Кога, на пример, ако станува збор за машкоста, нејзиниот недостаток е кукавичлукот, а дрскоста е вишокот “. Кој е причесен на вистинската добродетел, единствено на Бог му е причесен, затоа што Тој е совршена добродетел. Св. Василиј Велики вели: „Од целиот имот единствено добродетелта не може да биде одземена, таа останува и после овоземниот живот“. А св. Јован Златоуст вели: „Се знае дека единствено добродетелта ќе замине со нас. Единствено таа преминува во тамошниот живот. Добродетелта е непокорива и ништо не може да ја совлада – ни ропство, ниту сиромаштво, ни болест, ниту најголемиот тиранин од сите – смртта. Добродетелта и таму ни дава сигурност, и таму стои покрај нас. Добродетелта човекот го прави ангел, а на душата ѝ дава крилја за на небото“. Пелусиот вели: „Добродетелта е богатство, потребно и корисно, и добро и долично, и целисходно и чесно, затоа што ништо не е попотребно од правилниот живот; корисно, бидејќи води кон блаженство; добро, затоа што ги прави чесни оние кои го имаат; долично, зашто ги украсува; целисходно, бидејќи неговата полнота ослободува од маките; а чесно, затоа што ништо не е почесно од него“. Св. Кирил Александриски вели: „Според општото мислење, добродетелта не е достапна за секого, туку е недостапна и тешка“. Св. Златоуст, пак вели: „Уста на добродетелта се: мудроста, расудливоста и знаењето на духовните славопенија, а нејзино срце е опитот во Светото Писмо, чувањето на точните учења, човекољубието и чесноста. Таа има и нозе, и вешти раце - добрите дела, има и душа – благочестивоста, а и златни гради, и машкост појака од дијамантот “. Св. Кирил Ерусалимски за добродетелта го кажува ова: „Таму каде што е вечно светлата и пресовршена добродетел, таму се кроткоста, смирението, тежнеењето кон правда и јазикот што се одлучил да не зборува напразно, туку само за вистината“. Божјиот Златоуст, толкувајќи ги зборовите „нека засветли вашата светлина“, вели: „Тоа значи – вашата добродетел нека биде силна, моќни нека се огнот и неискажливата светлина, затоа што кога добродетелта е толку голема, невозможно е да се сокрие, па дури и безброј пати да ја засени оној чија е“.
Свети Нектариј Егински