За Божјата Литургија (19.05.2013)
Богослужењето е заедница на љубовта помеѓу Бог и човекот. Човекот ги прима човекољубието и големата милост на Света Троица и Ѝ го принесува срцето што се кае, благодари, славослови, плаче од љубов кон Господ, постојано бара нови зборови за да ја изрази љубовта, и не престанува во тоа, освен тогаш кога се ослободува од нешто што не е од Бог, за да Му се посвети само Нему.
Така христијаните целосно, а не делумно, служејќи Му на Бог ја достигнуваат сечовечката назначеност, односно заедницата и единството со Света Троица од Која се одвоиле поради прародителскиот грев. Во Божјата Евхаристија, служењето на христијаните достигнува врв и совршенство, затоа што во таа Света Тајна, по предимство, оживотворува подлабокото и посуштествено единство со обоженото Тело, очовечено на Крстот преку Распнатиот и Воскреснатиот Господ, и на тој начин верните го усвојуваат вечниот Божји живот.
Причестувајќи се со Телото и Крвта Христови „за простување на гревовите и вечен живот“ верните стануваат нераспадливи, бесмртни и се спасуваат од најтешката последица на прародителскиот грев.
На богослужбите верните разговараат со Бог, Му славословат, Му благодарат, но само на Божјата Литургија во себе го примаат Христос, стануваат едно со Него и неслиено се соединуваат со љубениот Господ.
Христијаните отсекогаш ја сметале Божјата Литургија за центар на богослужењето на Господ. Секоја недела, денот во спомен на Христовото Воскресение, тие се собирале заради служење на Божјата Евхаристија, поради личната средба со Воскреснатиот Господ, заради соединувањето со Него во едно Тело, во една заедница, едно семејство, заради принесување благодарност на Господ за сите Негови чудесни дела: создавањето на светот, создавањето на човекот, подготовката за спасение во старозаветните времиња и промената на созданијата преку спасоносното Христово дело.
Бидејќи христијаните живеат за да Му служат на Бога, а врвот на тоа служење се случува на неделната Литургија, накратко, за раните христијани таа станала најзначаен ден во седмицата, центар на човечкиот живот. Христијанинот целата седмица се борел, усрдно се трудел, молел и се подготвувал за доаѓањето на неделата, за да Му принесе совршена служба на Бог Отецот и Воскреснатиот Искупител.
На неделната Евхаристија, пред сѐ, прославуваме една мала Пасха, односно нашиот премин од смрт во живот, од земјата на мртвите во Земјата на живите, од сатанското ропство во слободата на Божјите деца. Самиот тој премин е овозможен со Воплотувањето, Крстот и Воскресението на Спасителот... „Спомнувајќи си за спасителните заповеди и сѐ што стана заради нас – Крстот, Гробот, тридневното Воскресение, Вознесувањето на небото, седнувањето оддесно и славното Второ Христово доаѓање“.
Нашиот копнеж за средба со Воскреснатиот Господ и место во Неговата победоносна придружба започнува од првиот ден во седмицата – понеделник. Како што одминуваат деновите, ние живееме со сеќавањето на минатиот неделен ден, минатата мала Пасха, а во исчекување на неделата што доаѓа, во која повторно ќе го проживееме надминувањето на сопствената смрт и преображението на сопствениот живот во просторот на Божјото Царство.
Старец Георгиј Капсанис