За Исусовата молитва која брзо ја вселува благодатта во срцето и со леснотија ја спасува душата (20.05.2013)
Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме!
Ако некој со желба, непрестајно, како дишењето ја изговара оваа молитва, во него брзо ќе се всели Света Троица: Отецот, Синот и Светиот Дух ќе направат Свое живеалиште во него; и молитвата ќе го проголта срцето, а срцето молитвата, човекот ќе почне да ја изговара ден и ноќ, и ќе се ослободи од сите ѓаволски замки. Било да стоиш или седиш, јадеш, патуваш или работиш нешто друго – постојано изговарај ја оваа молитва, усрдно присилувај се на неа, бидејќи таа ги победува невидливите непријатели, како борец со копје. Чувај ја во своите мисли, не се притеснувај тајно да ја изговараш на секое место. Кога ќе се изморат јазикот и устата, моли се само со умот. Од молитвата која долго време се изговара само со устата се раѓа умната, а од умната - срдечната (која се изговара во срцето). Кога умот ќе се измори од постојаното повторување и срцето ќе снема сила, може малку да се опуштат со пеење. Исусовата молитва треба да се изговара на глас, но тивко, колку самиот себеси да се слушаш. За време на молитвата не треба да се лута со мислите на сите страни, по минливи работи од животот, туку треба, без мрзливост, со внимание, умот да се сосредоточи само на молитвата. Затоа што молитвата не е ништо друго туку оддалечување, како од видливиот така и од невидливиот свет. Затоа треба умот да се затвори во молитвата. Каде што е телото, таму треба да биде и умот за време на молитвата, немајќи никакви помисли. Светите Отци велат: „Кој се моли со устата, а со умот лута, тој залудно се труди, бидејќи Бог гледа на умот, а не на зборовите; умната молитва не дозволува умот да фантазира или да има нечисти мисли“. Оној што нема да се навикне на умната Исусова молитва, не може да има непрестајна молитва. Ако некој се навикне на Исусовата молитва и ако таа се соедини со срцето, тогаш таа молитва како извор ќе протече насекаде, во секое дело, во секое време, и секогаш ќе го подигнува човекот, било да бдее или спие. Кога телото ќе задреме, таа тогаш одвнатре го подигнува. Оваа молитва, од која не можеме да се наситиме, е голема затоа што со неа, и кога устата ќе се измори и телото ќе падне, душата никогаш не спие. Кога треба да се изврши некоја работа, или надоаѓаат помисли, или сон, треба усрдно да се молиме со устата и јазикот, за умот да внимава на гласот; кога, пак, умот е осамен и спокоен од помисли, тогаш може да се молиме само со него. Умносрдечната молитва бара трезвеност, воздржување, оддалечување од луѓето, отсуство на грижи и вознемиреност – така расте и се утврдува вистинската молитва. Оној кој ќе ги отфрли спомнатите препреки, нема да ја достигне непрестајната молитва.
Преподобен Паисиј Величковски