За малите работи во животот
 
 
 
 
 

За малите работи во животот (22.05.2013)

Многумина мислат дека е многу тешко да се живее во согласност со верата и да се исполнува Божјата волја. Всушност, тоа е многу лесно. Само треба да се внимава на деталите и да се избегнува злото во најситните и секојдневни работи. Ова е наједноставниот и најсигурниот начин да се влезе во духовниот свет и да се дојде во близина на Бога. Човекот често мисли дека Творецот од него бара исполнување на некои големи работи, дека Евангелието инсистира на целосна самопожртвуваност, укинување на сопствената личност како услов за верност. Човекот честопати е преплашен од ова, па почнува да се плаши од запознавањето на Бог, се плажи од приближувањето кон Него и почнува да се крие од Бога, не сакајќи дури ни да погледне во Него. „Ако не можам ништо битно да направам за Бога, тогаш најдобро е да се тргнам настрана од духовните работи, да престанам да мислам за вечноста и да живеам ‘нормален живот’“.

Со тоа „правењето големи дела“: мора да се направи нешто навистина големо или да не се направи ништо. И така луѓето не прават ништо за Бога ниту за своите души! Тоа е многу чудно – колку повеќе човекот е посветен на малите работи во животот, тој помалку сака да биде искрен или чист, или верен на Бога во тие исти мали работи. Уште почудно, секој мора да усвои правилен став кон малите работи доколку сака да се приближи на небесното Царство. „Желба за приближување“... Во ова се содржат сите тешкотии во духовниот живот. Често, некој сака да влезе во небесното Царство потполно неочекувано, не некој чудесен и магичен начин, или, со право – преку некој голем подвиг. Меѓутоа, ниту еден од овие начини не е правилен за пронаоѓање на горниот свет. Никој не го доживува Божјото присуство на некој чудесен начин, останувајќи незаинтересиран во земниот живот кон потребите за Божјото Царство и за вечноста, ниту некој може да ги купи богатствата на Царството со некој исклучителен подвиг, без разлика колку голем и да бил. Па сепак, неопходни се добри дела, свети дела, за секој кој расте во духовниот живот, чиста волја, добра желба, небесна психологија, чисто и верно срце...

„... И кој напои еден од овие мали само со чаша студена вода како Мој ученик, навистина ви велам, нема да ја загуби својата награда“ (Матеј 10, 42). Во овие Господови зборови е искажан најголемиот израз за истакнување на малите добра. „Чаша вода“ – ова навистина не е многу...

Во секоја комуникација помеѓу луѓето неизоставно мора да постои добар дух. Тој дух е Христос.

„Во Негово име“ – ова е првиот чекор во комуникацијата со друга личност во име на Исус Христос. Многу луѓе, сѐ уште не познавајќи Го Господ и чудесната заедница во Негово име, и понатаму во меѓусебните односи имаат несебична, чиста и човечка заедница која ги приближува кон Христовиот дух...

Всушност, на човештвото му е попотребно мало добро, отколу големо. Луѓето можат да ги живеат своите животи без некое големо добро, но без малото не би можеле да постојат. Човештвото нема да исчезне од недостаток на нешто големо, туку од отсуство на овие помали работи. Големото добро не е ништо друго, туку покрив над циглите од малите работи.

Помалото, полесно добро, му е оставено на човекот на земјата од Самиот Творец, Кој ги презема сите големи работи. Секој кој ги прави малите, подеднакво создава – бидејќи преку него Самиот Творец создава – големо добро. Од нашето мало добро, Творецот го создава Неговото големо добро, затоа што, како што нашиот Господ Создател Кој сѐ создаде од ништо,  може да направи големо добро од малото...

Преку таквото мало, полесно добро, направено на наједноставен начин, човекот се навикнува на доброто и почнува да му служи со целото свое срце, искрено, и на тој начин влегува во духот на доброто, пуштајќи ги корењата на својот живот во нова земја, земја на добрата. Коренот на човечкиот живот брзо се привикнува на оваа добра земја и веќе не може да живее без неа... Таквиот човек е спасен: од мало преминува на големо. „Верниот во мали работи“ станува „верен и во големи“.

Оставете ги настрана сите теориски размислувања со кои е забрането да се убиваат милиони жени, деца и стари луѓе; бидете задоволни со исполнувањето на вашиот морален принцип така што нема да го убивате човечкото достоинство на вашиот ближен, нити со збор, ни со дело, ни со гест.

Не се гневете заради ситници, „не се гневи на својот брат без причина“ (Матеј 5, 22), и во секојдневните контакти не кажувајте невистини за своите ближни. Тоа се ситници, мали промени; но обидете се да го направите тоа и ќе видите што ќе произлезе од истото.

Тешко е да се молиш ноќе. Пробај наутро. Ако не можете да се молите дома, тогаш барем обидете се додека возите кон работа, разбистрете ги мислите со „Оче наш“ и пуштете ги зборовите на оваа кратка молитва да одекнат во вашето срце. А ноќе, искрено, препуштете се во рацете на небесниот Отец. Ова е навистина лесно.

И давајте, давајќи чаша вода секому кому му е потребна. Дајте им чаша наполнета до врвот со едноставно човечко заедништво на оние кои им недостига наједноставното дружење...

О, чудесен пату на малите работи, химна ти пеат! Препуштете се, луѓе, опашајте се со правење мали добра – со ланесот на малите, едноставни, лесни и добри чувства, кои ништо не чинат, со ланецот на добрите мисли, зборови и дела. Оставете го големото и тешкото. Тоа е за оние кои го сакаат тоа, а не за нас кои сѐ уште не сме научиле да го сакаме големото, и за кое Господ, со Својата неискажлива милост, насекаде посеа љубов, бесплатна како воздухот и водата.

 

Св. Јован Шангајски и Сан-Франциски