За смирението
 
 
 
 
 

За смирението (23.05.2013)

Оние кои зборуваат или постапуваат без смирение се слични на оние кои прават куќа во зима или без потребните материјали. Да се најде и спознае смирението, преку опит и познание, е дело само на малкумина. Оние кои се обидуваат да го опишат со зборови личат на оние кои безделничат. Ние слепите, гледајќи по нешто од големата Светлина, велиме: смирението, како прво, не кажува смирени зборови, ниту има смирен изглед, ниту се присилува смирено да мисли и не се прекорува за да изгледа смирено. Реченото претставува почеток и повод за разни видови смирение. Меѓутоа, самото смирение е благодат и дар од горе. Светите Отци зборуваат за два вида смирение: последното место и припишувањето на добрите дела само на Бога. Првото е почеток, а второто – крај. Оние кои го бараат им се предлага да ги имаат овие три мисли: дека се погрешни од сите луѓе, дека се посрамни од сите созданија бидејќи се наоѓаат во противприродна состојба и дека се посрамни од демоните зашто се нивни робови. Оној кој се смирува треба да кажува: „Како точно да ги знам гревовите на луѓето, односно какви се и колкави се? Како да знам дали се исти или ги надминуваат моите гревови? И затоа што не знам, јас сум под сите луѓе, како земја и пепел под нив. И како да не се сметам за посрамен од сите созданија? Зашто тие дејствуваат во делот на својата создадена природа, а јас сам со своите безбројни беззаконија сум паднат во неприродна состојба. Навистина, ѕверовите и стоката се почисти од мене грешниот. Јас сум помал од сите, паѓам и лежам во пеколот уште пред смртта. Кој не знае и не чувствува дека е погрешен од демоните, а е нивен роб и слуга, уште тука е затворен во темнината. Навистина е полош од демоните оној кој им е потчинет. Затоа, со него ќе ја наследам темнината. Наоѓајќи се таму, во самоизмама, како си дозволуваш да се наречеш праведник?“ 

... Доколу не биде оставен самиот со себе, не биде победуван, поробен и надвладеан од сите страсти, помисли и непријателски дух, не наоѓајќи помош ниту во делата, ниту во Бога, ни во што било, готов да падне дури и во очај бидејќи е понижен во сѐ, човекот не може да се смири, да се смета за помал од сите, последен и роб на сите, полош дури и од самите демони.  

Ете го домостројот на смирението кое го дава Божјата промисла и заради кое Бог дава друго, поголемо смирение, односно седејствителна и сесоздателна Божја сила. Гледајќи се како оружје на Божјата сила, човекот веќе извршува прекрасни Божји дела.

 

Преподобен Григориј Синаитски