Зар човекот нема да воскресне (28.05.2013)
Исеченото (калемено) дрво, повторно цвета; зар човекот, кого го исекла смртта, нема да се обнови? Она што го сееме и жнееме, го чуваме на гумното; а кога ќе се ожнее човекот од овој свет зар нема да биде сочуван на гумното на тој свет? Кога виновата лоза се калеми и ѝ се сечат гранките, ако се засадат во земја, тие повторно ќе оживат и ќе родат плод; зар човекот, за кого виновата лоза како и сѐ останато е создадено, нема да воскресне после заминувањето во зeмја? Ако ги споредиме работите се поставува прашањето, што е потешко: да се изваја нова скулптура или скршената да се доведе во претходната состојба? Бог Кој нѐ создаде од ништо, зар не може да го воскресне нашето битие после смртта? Селанецот сее пченица или некоја друга култура: посеаното семе умира, се распаѓа и станува непогодно за храна. Но, бидејќи се распаднало тоа повторно ‘рти, се раѓа и на површината на земјата се јавува во прекрасен облик; треба да се знае дека пченицата е создадена заради нас! Не само пченицата, туку и сите други култури се создадени заради нашата исхрана, а не самите заради себе. Значи, тоа што е создадено заради нас умира и оживува, а ние за кого сето ова е создадено, зар нема да станеме?
Во зима сѐ е мртво, а во пролет сѐ повторно зеленее; кога ќе настапи одреденото време тогаш како самото мртвило да им соопштува и дарува живот. Бог, однапред знаејќи за твоето неверие, секоја година на видлив начин ја покажува силата на Воскресението за ти, гледајќи на она што се случува пред тебе со безживотните работи, да поверуваш во она што се однесува на живите суштества. Мувите и пчелите главно се дават кога ќе паднат во вода, но подоцна можат и да оживат; некои животни во зима се како мртви, но во текот на летото повторно оживуваат. Соодветно на слабоста на твоите сили, јас ти давам едноставни примери. Тој што на безсловесните и презрените животни најприродно им дава живот, нема ли да ни даде живот нам, поради кои сите нив и ги создаде.
Св. Кирил Ерусалимски