За молитвата
 
 
 
 
 

За молитвата (29.05.2013)

Ние што сме Го примиле духот на животот во Исус Христос би требало со чиста молитва во срцето, херувимски да разговараме со Господ. Но ние, не сфаќајќи ја големината, честа и славата на благодатта што препородува, и не сфаќајќи дека духовно растеме преку извршување на заповедите, и дека треба да се искачиме до состојба на умно гледање на Бога – препуштени сме на мрзливост, со тоа што дозволуваме да нѐ заробат страсните навики и да паднеме во бездната на нечувствителноста и темнината.

Доаѓа дури и до тоа, да го изгубиме и сеќавањето на Бога, и чувството какви треба да бидеме -  чеда на Бога по благодат. За тоа немаме поим. Веруваме, но не со вера преку делата, и по обновувањето од Духот преку Крштението не престануваме да живееме телесно. Ако некогаш и се случи да се покаеме и почнеме да ги исполнуваме заповедите, ги исполнуваме само надворешно, но не и на духовен начин. Така, до таа мера се одвикнуваме од духовниот живот, така што Неговите јавувања кај другите ни личат на лага и заблуда. На тој начин остануваме со мртов дух, живеејќи и работејќи не во Христос, и спротивно од заповедта дека она што е родено од Духот, треба да биде духовно.

Покрај сето тоа, даровите што ги примивме при Светото Крштение во Исус Христос, не се губат, само се закопуваат во земја, како во некоја кал. А трезвениот ум и благодарноста бараат да ги откопаме и изнесеме во светлината на денот. Како е можно тоа?

Тоа може да се постигне на два начини: прво, тие дарови се откриваат со ревносно исполнување на заповедите: колку ги извршуваме заповедите, толку повеќе тие ни ја откриваат својата светлината и сјај; второ, тие се јавуваат и разоткриваат со постојана молитва кон Господ Исус, или, што е една и иста работа, со непрестајно сеќавање на Бога. Моќен е и првиот начин, но вториот е помоќен, така што и првото преку него ја добива својата полна сила. Затоа, ако навистина сакаме во нас да го откриеме скриеното благодатно семе, тогаш да побрзаме и што порано да се навикнеме на вториот срдечен подвиг: срцето да ни биде во тој молитвен труд, без никакви претстави, слики и фантазии. Ако се потрудиме во срцето да ја здобиеме само таа молитвена сила и енергија, таа ќе ги загрее нашите ум и срце и во душата ќе ја разгори неискажливата љубов кон Бог и луѓето.

Оваа умносрдечна молитва, што се извршува во срцето со силата на Светиот Дух, дејствува во него на два начини: некогаш ѝ претходи умот, прилепувајќи се за Господ во срцето преку постојано сеќавање на Него; некогаш, пак, дејството на молитвата, поттикнато од претходниот радосен оган, го привелекува умот во срцето и го врзува за повикувањето на Господ Исус и за стоењето со трепет пред Него. Во првата ситуација, дејството на молитвата почнува да се открива според мерата на намалените страсти, преку исполнување на заповедите, во вид на топлина во срцето, која е последица на макотрпното молење; во вториот случај, духот го привлекува умот во срцето и го собира во неговите длабочини, ослободувајќи го од вообичаеното лутање. Во зависност од тие два вида на молитва и умот станува или дејствителен или созерцателен. Со својот труд во подвигот, тој со Божја помош, ги победува страстите, а со созерцувањето Го гледа Бога, колку што тоа е достапно за човекот.

Св. Григориј Синаитски