Суштината на христијанскиот живот
 
 
 
 
 

Суштината на христијанскиот живот (31.05.2013)

Суштинското расположение кај оној што се кае е: „Господи, како знаеш, спаси ме, а јас ќе се трудам, и нелицемерно, без отстапувања, без негодувања, со чиста совест ќе исполнувам сѐ што ќе сфатам и можам!“ Оној што во себе има вакво расположение, Господ навистина го прифаќа и делува во него како Цар. Тој има учител, молитвеник, плодоносец, владетел – Бог. Тоа е семето на небесното дрво што живее во срцето.

Божјото Царство е во нас кога Бог царува во нас, кога душата во својата длабочина Го исповеда Бог како свој владетел, кога Му е покорна со сите свои сили, и кога Бог моќно делува во неа „и прави да сакате и да дејствувате според Неговата волја“ (Фил. 2, 13). Темелот на ова Царство се поставува во моментот на одлуката човекот да Му служи на Бога во Господ Исус Христос, преку благодатта на Светиот Дух. Тогаш човекот-христијанин своите свест и слобода, од кои всушност се содржи суштината на човечкиот живот, Му ги предава на Бога, а Бог ја прима оваа жртва на тој начин што доаѓа до сојуз помеѓу човекот и Бог, се воспоставува завет со Него, кој, пак, е прекинат со падот и волните гревови. Овој внатрешен сојуз се запечатува, утврдува и станува способен да опстане и да се зачува со благодатната сила во Божјата Тајна Крштение, а за оние што паѓале после Крштението – во Светата Тајна Покајание, и потоа постојано се зацврстува во Светата Тајна Причест. Така живеат сите христијани, односно, во себе го имаат Божјото Царство, и Му се покоруваат на Бога како на Цар. Кога се зборува за Божјото Царство во нас, секогаш треба да се додаде: благодатта на Светиот Дух во Господ Исус Христос. Во ова е печатот на христијанското Божјо Царство во нас. Бог е Цар над сите, како и Создател и Промислител, но Тој вистински царува во душите, и во душите вистински се исповеда како Цар дури после воспоставувањето на прекинатиот сојуз на душата со Него, а ова го прави Светиот Дух во Господ Исус Христос, нашиот Спасител.

Трудете се и навикнете се на Исусовата молитва. Господ нека ве благослови! Треба да верувате дека Господ Исус Христос е во нас – поради Крштението и Причеста, поради Своето ветување, дека е соединет со нас преку овие Тајни. Затоа што, крстените се облекуваат во Христос, а оние што се причестуваат Го примаат Него. Само смртните гревови нѐ лишуваат од оваа голема милост кон нас. Меѓутоа, оние што се кајат и после исповедта се причестуваат, повторно се враќаат. Така верувајте. Ако ви недостига вера, молете се Господ да ви ја даде и да ја зацврсти силно и непоколебливо.

Схи-игумен Харитон Валаамски