За молитвата
 
 
 
 
 

За молитвата (07.06.2013)

Најважното од сите подвизи и врвот на сите успеси е истрајноста во молитвата. Со неа можеме да ги здобиеме и другите добродетели. Оние што се удостоиле да си спечалат место во Божјата Светлина, со духовниот труд и расположение, нивниот ум се соединува со Господ во неискажлива љубов. Оној што секојдневно се труди во молитвата, гори од духовна љубов кон Бога и преку огнената желба ја прима благодатта на осветувачкото совршенство на Духот.

Не треба да се молиме според телесната навика, ниту по навика да врескаме, молчиме или ги преклонуваме колената, туку треба трезвено да внимаваме, очекувајќи Господ да дојде и да ја посети нашата душа. Умот треба да е утврден во Бога. Како што за време на некоја работа  телото целосно се дава и сите негови делови си помагаат едни со други, така и душата треба целосно да се посвети на молитвата и Господовата љубов, не расејувајќи се и не лутајќи со помислите, туку треба целото свое очекување да го положи во рацете на Христос. Тогаш, Самиот Господ ќе ја просветли, учејќи ја на вистинска молитва, односно давајќи ѝ чиста, духовна и достојна на Бога молитва.

Вистинскиот темел на молитвата е вниманието во однос на помислите. Треба да се молиш во големо безмолвие и тишина, за да не соблазниш никого. Човекот што се моли треба целосно да се посвети на помислите. Тој треба да го отсекува она што ги храни измамничките помисли и да се стреми кон Бога, да не ги исполнува барањата на помислите, туку да ги собира оние што лутаат, разликувајќи ги лошите од природните. Душата што е грешна личи на шума што гори, или на трска покрај река, или на густа шума полна со трње и дрвја. Оние што сакаат да поминат низ тоа место мораат да ги испружат своите раце напред и трудољубиво да ги тргаат гранките пред себе. Така и душата ја изодува целата шума од помислите што ѝ ги шепнува противничката сила. Потребни се голем труд и внимание за умот да ги разликува туѓите помисли, што ги сее противникот. Оние што внимаваат на помислите, целиот свој подвиг го извршуваат внатрешно. Тие можат со својата разумност и расудување да остварат напредок, да ги отфрлат помислите што ги напаѓаат и да ја исполнуваат Божјата волја.

Св. Макариј Велики