Ако ја добиеме Божјата благодат, тогаш сѐ е лесно, радосно, и сѐ е Божји благослов (08.06.2013)
Молете се за Црквата, за светот, за сите луѓе. Целото христијанство се содржи во Исусовата молитва. Ако се молите само за себе, тогаш во вас се крие егоизам. Спротивно на тоа, ако се молите за Црквата, и вие сте дел од неа. Во Црквата е и Христос, но Тој таму е соединет и со Отецот и Светиот Дух. Света Троица и Црквата се едно. Вашиот копнеж треба да е насочен кон тоа целиот свет да биде осветен, сите да бидат Христови. Тогаш влегувате во Црквата и ја доживувате рајската радост во Бога, затоа што целата полнота на Божјото живее во Црквата.
Сите сме едно Тело, со Христос како Глава. Сите сме Црква. Нашата вероисповед ја има во себе таа величествена особина – таа го соединува светот мислено и духовно. Силата на молитвата е голема, многу голема, особено кога се молат повеќе браќа. Во заедничката молитва сите се соединуваат. Своите ближни ги чувствуваме како дел од нас! Тоа е нашиот живот, наша радост, наше богатство. Сѐ е лесно во Христос. Христос е центарот: сите брзаат кон центарот и се соединуваат во еден дух и едно срце.
Тоа се случило на Педесетница. Кога сите, во исто време и на исто место, го слушаат Псалтирот и сѐ останато што се чита на богослужбите, тогаш тие се соединуваат во Божјата благодат, затоа што преку слушањето на она што го чита чтецот сите се учесници. Така се зголемува духовната сила – како да гледаат нешто убаво.
Љубовта, служењето на Бога, копнежот по Него, соединувањето во Црквата – тоа е рај на земјата. Ако ја добиеме Божјата благодат, тогаш сѐ е лесно, радосно, и сѐ е Божји благослов.
Старец Порфириј Капсокаливиски