За слегувањето на умот во срцето (12.06.2013)
Како кога еден силен магнет ќе се прилепи за железото, влечеш со сета сила, но не можеш да ги одделиш – така и умот, таму каде што го сретнува небесното Царство, кое е во срцето, е привлечен, се насладува, привлечен е толку силно, така што, доколку се случи некој да те викне, или да тропне на вратата, ти слушаш, но и да сакаш не можеш лесно да се одлепиш. Тоа трае толку, колку што Бог сака.
Меѓутоа, понекогаш се сосредоточува, а понекогаш се распространува. Кога умот се сосредоточува, се враќа во својата природна состојба. Како кога ќе натопите сунѓер во сад со миомирис, па потоа го цедите, а мирисот останува соединет со него и не заминува, така и умот се исполнува со Божјиот миомирис. Можеш во текот на денот да се занимаваш со ракоделие, да си во градината, меѓутоа умот, како што е натопен со блажината на Божјиот миомирис, се моли непрестајно и често се излеваат солзи на умиление при самата помисла на Христос или нашата Пресвета Богородица.
Понекогаш, после чистата молитва, умот се распространува и шири. Тогаш веќе не управуваш со самиот себе, туку си раководен од Светиот Дух. Кога човекот ќе ја доживее оваа состојба, тогаш сфаќа и вели: „Значи на ова мислел апостолот Павле кога рекол: ‘Дали во тело, или надвор од него, не знам!’“
Старец Харалампиј Дионисијатски