За Исусовата молитва (19.06.2013)
На Господ теба да Му се обраќаме со спуштање на вниманието на умот во срцето и оттаму да молиме и коленичиме. Кога би го исполниле ова: со умот во срцето, со страв, побожност и предаденост да стоиме пред Господ, во нас никогаш нема да има страсни желби и чувства, ниту помисли.
За напредок во молитвата и за да се избегне прелеста неопходно е самоодрекувањето, кое учи дека во молитвата се бара само внимание. Тогаш молитвениот подвиг ќе се поедностави и ќе стане полесен; и искушенијата кои секогаш го следат подвигот ќе станат полесни. Доколку некој пред време тежнее кон тоа во себе да го открие дејството на срдечната молитва, како што вели преп. Нил Сорски, во согласност со останатите свети Отци, „му се допуштаат тешки искушенија, кои ги надминуваат неговите сили“. Како темел на ваквиот копнеж се јавуваат превознесеноста и високоумието, кои човекот не ги приметува, а изгледаат како усрдност.
Нашиот Господ Исус Христос е единствениот извор на нашето спасение, единственото средство; Неговото човечко име доаѓа од Неговата Божја неограниченост, сесветата сила која нѐ спасува.
Анализирај го целото Светоа Писмо и ќе видиш дека во него секаде се велича и слави Господовото име, фалена е Неговата сила која е спасоносна за луѓето. Разгледај ги делата на Отците, ќе видиш дека сите тие без исклучок советуваат и заповедаат кажување на Исусовата молитва; ја нарекуваат најсилно оружје на земјата и небото, ја нарекуваат: дадена од Бога, вечно наследство, еден од крајните и највисоки завети на Богочовекот, утеха полна со љубов, најслатка и сигурна гаранција. На крајот, прочитај што вели Источната Православна Црква: ќе видиш дека таа за сите свои неписмени деца - и монаси и мирјани - рекла пеењето на псалмите и читањето на Молитвеникот како дел од келијното правило да се замени со Исусовата молитва. Значи, едногласно е сведочењето на Светото Писмо, сите свети Отци и Вселенската Црква за Исусовата молитва.
Схи-игумен Харитон Валаамски