Ако си паднал, стани!
 
 
 
 
 

Ако си паднал, стани! (23.06.2013)

Ако пак си паднал – повторно стани. Ти си повикан на патот кон небото. Не е чудно за оној што трча понекогаш и да се сопне. Само треба постојано да се има трпение и покајание. Затоа, покај се кога ќе згрешиш и не го губи времето.

Значи, не очајувај кога ќе паднеш, туку со усрдност стани и направи метанија, велејќи: „Прости ми, Христе мој, човек сум и слаб сум“. Не те напуштил Бог, како што кажуваш, но бидејќи во тебе има световна гордост и многу суета, нашиот Христос дозволува да згрешиш и паднеш, па така секојдневно, преку тие ситуации, да станеш свесен за својата слабост, за да ги трпиш грешните, да не ги осудуваш своите браќа кога грешат, туку да ги утешиш.

Колку пати и да паднеш, повторно стани и побарај прошка. Не ја криј мачнината во своето срце затоа што маката и душевната здодевност се радост за лукавиот, од нив душата се исполнува со горчина, а духовното расположение на покајникот треба да вели: „Згрешив, прости ми Оче“, и на тој начин да го отстрани тоа расположение. „Зар јас не сум човек, и зар не сум слаб? Што воопшто можам да направам?“ Навистина, чедо мое, тоа е така. Имај храброст. Човекот стои на свои нозе само тогаш кога доаѓа Божјата благодат. Ако нема благодат, непрестајно се тетерави и паѓа. И затоа биди решителен и не се плаши.

Во себе устрој смел начин на размислување пред доаѓањето на искушенијата. Тие секако ќе дојдат, затоа што ти се наопходни. На друг начин нема да се исчистиш. Остави го тоа што го кажуваат невнимателноста и очајот. Не им се плаши. Како што со помош на благодатта поминаа претходните, така ќе минат и овие, штом ќе ја завршат својата работа. Искушенијата се лекови, лековити билки, кои ги лечат видливите страсти и нашите невидливи рани.

Ти, значи, имај трпение, за секојдневно да имаш добивка, за да ги собереш наградата, мирот и радоста во небесното Царство. Ќе дојде ноќта на смртта, кога никој нема да може дејствува. Затоа побрзај, бидејќи времето е кратко!

Знај го ова – подобро еден победнички ден со венци и награди отколку многу години поминати во безделничење. Затоа што, еден ден во подвиг (борба) во познание, вреди колку педесет години кај оној што се бори невнимателно и без познание.

Без борби и пролевање крв не очекувај ослободување од страстите. После престапот на нашата земја растат трње и чички. Заповедано ни е да ги искорнеме, но тие се корнат само со голема болка, раскрварени раце и многу воздишки. Затоа плачи, пролевај реки од солзи, и така ќе омекне земјата во твоето срце. А кога земјата е натопена, лесно ќе го искорнеш трњето.

Старец Јосиф Исихаст