За раните што ни ги нанесуваат луѓето (24.06.2013)
Кога некој заради Бог ги трпи тагите и неправдите што му ги нанесуваат луѓето, преку тоа трпение се чисти од страстите. Тие едноставно се дестилираат. Зар постои нешто повозвишено од тоа? На тој начин човекот може да ги отплати гревовите. Видете, некој злосторник го претепуваат и го затвораат; таму тој го извршува своето мало правило, и ако искрено се покае, се спасува од вечниот затвор. Зар е мала работа човекот преку оваа мака овде да ја исплати сметката за вечноста?
Секоја мака трпете ја со радост. Раните што ни ги нанесуваат луѓето, послатки се од сите пијалаци што ни ги нудат оние што нѐ сакаат. Видете, во Блаженствата, Христос не вели: „Блажени сте кога ве фалат“, туку: „Блажени сте кога ве срамат“, и притоа „лажно“. Кога го срамат оној што е неправеден, тој отплатува (за гревовите), а ако е праведен, тој печали (духовно богатство). Затоа, не само што треба да го трпиме оној што нѐ искушува, туку треба и да чувствуваме благодарност, затоа што ни се дава шанса да се потрудиме во љубовта, смирението и трпението.
Тие што клеветат, секако дека работат во соработка со ѓаволот. Но, силниот ветер ги крши и корне слабите дрва, оние што немаат длабоки корења – додека на оние што имаат длабоки корења, им помага да ги пуштат уште подлабоко и да ги зацврстат.
Треба да се молиме за сите што зборуваат лошо за нас, и да бараме од Бога да им подари покајание, просветлување и здравје, а во себе да не оставиме ни трага од омраза кон нив. Да го задржиме само искуството на преживеаното искушение, да го исфрлиме од себе сиот отров, и да се потсетиме на зборовите на св. Ефрем: „Ако претрпиш каква било клевета, а подоцна се обелодени чистотата на твојата совест, немој да се возгордееш, туку со смирение служи Му на Господ, Кој те спасил од човечките клевети, за да не бидеш поразен од големиот пад на душата“.
Старец Паисиј Светогорец