Ние речиси ништо не знаеме! (27.06.2013)
Целото Свето Писмо, исполнето со благодатта на Светиот Дух, постојано нѐ поттикнува на исполнувањето на Божјите заповеди. На тоа особено нѐ повикуваат поуките на пророкот Давид, секојдневно прославувани во псалмите. Затоа што Псалтирот, ја храни благочестивоста, поучува во верата, учи за целомудрието, води кон стравот од Бога, проповеда за казната, умилението, воздржувањето, покајанието, сострадањето, Божјата љубов, за поднесувањето на тагите, за чистотата, долготрпението, постот и добрите дела. Трудољубивоста и усрдноста во молитвата и читањето на Светото Писмо е мајка на сите добродетели. Преку молитвата ние го добиваме исполнувањето на сето она што го бараме, како дар од Бога. Но, без молитвата и Светото Писмо не може вистински да се познае Бог.
Ако луѓето често и голем дел од времето користат за да се оспособат во некоја од земните вештини, колку повеќе треба да се трудат за постигнување на вештината на животот, со цел да напредуваат во познанието и благоугодувањето на Бога: топло и пламено, сѐ до крајот на животот, ти треба да се стремат кон Него.
Но, ние речиси ништо не знаеме за себе и се опрелестуваме. И да е само тоа, помалку би имало зло: но, ние се караме, војуваме, смислуваме пакости и си завидуваме едни со други, се клеветиме и си се потсмеваме, и никој не размислува за своите гревови, никој не се грижи за своето бреме, туку, со целата усрдност ги испитуваме грешките на нашиот ближен; до гуша сме во кал, но тоа не нѐ засега. Сѐ до староста се занимаваме со другите, а своето сопствено зло, ниту во зрелите години не го испитуваме. Најмалите недостатоци кај нашите браќа ги гледаме, но гредата во своето око не ја забележуваме. Целосно сме покриени со тежината на нашите гревови, а се занимаваме со недостатоците кај другите и од никого не се срамиме, никого не штедиме, од никого не се плашиме, но гриземе, секого го проголтуваме: малите и големите, виновните и невините, свештениците и нашите учители, раководителите, вразумителите и оние што нѐ изградуваат. Е тогаш, Божјиот гнев слегува над нас, и ние сме изложени на казни, и се препуштаме на секоја тага и ситуација, бидејќи сме совладани од скаменетоста.
Преподобен Атанасиј Синаитски