За непрестајната молитва
 
 
 
 
 

За непрестајната молитва (28.06.2013)

Како своја најважна цел и врв на совршенството треба да ја поставиме непрестајната молитва, која се темели на душевниот мир и чистотата на срцето. Заради нив треба да ги поднесуваме маките на телото и да се држиме до покајанието. Врската меѓу сите тие трудови и молитвата е неразделна и взаемна. Затоа што, како што заедницата на сите тие добродетели доведува до совршенство на молитвата, така и таа, како нивен крај и венец, нив ги прави цврсти и постојани. Како што без нив не може да се добие и усоврши непрестајната и чиста молитва, така и тие, кои заради уредувањето на животот според Бога одат напред, не можат да го достигнат совршенството без непрестајната молитва. Заради тоа, ние не можеме веднаш да се впуштиме во расудување за силата на молитвата (која ја завршува градбата на сите добродетели), доколку најнапред, според редоследот не си запишеме и размислиме за сето она што треба да биде отсечено или подготвено заради нејзиното добивање, или доколку, според смислата на евангелската приказна (Лука 14, 28-30), најпрво не го пресметаме и собереме сѐ она што е потребно за градење на тој највозвишен столб. Меѓутоа, ниту она што е подготвено, ние нема да можеме да го употребиме како што треба, ниту ќе можеме врз него правилно да го надградиме последниот врв на совршенството, доколку најнапред, по изнесувањето на секоја нечистотија од порокот, отпадот и мртвото ѓубре од страстите, на живата и цврста земја на нашето срце, како на оној евенгелски камен (Лука 6, 48), не го положиме најцврстиот темел -  смирението. Само врз него би можел да се подигне тој столб, со положување врз духовните добродетели. И тој ќе стои непоколебливо и својот врв ќе го воздигнува највисоко на небото, надевајќи се на својата цврстина. Зацврстувајќи се на таквиот темел, тој ќе ги издржи бурата на страстите и реките на гонењата кои, слично на машините за кршење камења, силно напаѓаат преку таа жестока бура од непријателските духови. И тој, не само што нема да се сруши, туку нема ни да ги почувствува нивните напади.

За да се постигне тоа крајно совршенство во молитвата, неопходно е да се зацврстиме со постојаното сеќавање на Бога. Како најдобро средство за тоа служи кратката, често повторувана молитва.

Преподобен Јован Касијан