За постот
 
 
 
 
 

За постот (01.07.2013)

Браќа, ве молам, за време на постот и молитвата, од срце да простиме ако некогаш сме имале или сме мислеле дека имаме нешто против некого и сите да живееме во љубовта. Освен тоа, да имаме добри мисли едни за други, взаемно поттикнувајќи се на љубов и добри дела. Едни на други да си кажуваме убави зборови и во самите себе да расудуваме и размислуваме за она што е благоугодно пред Бога и пред луѓето, да постиме со достоен за пофалба и беспрекорен пост, за и молитвите кон Бога да Му бидат угодни Нему, па така, преку благодатта, на достоен начин да Го наречеме Отец и да можеме смело да Му речеме: „Оче, прости ни ги нашите долгови како што и ние им ги простуваме на своите должици“.

Во нас, кои заедно го практикуваме телесниот и духовниот пост, и се молиме, со посредство на добрите ангели ќе биде изгасен огнот на телесните желби, гневот ќе биде скротен, и така ќе се  причестиме со пророчката храна, со надеж за идните богатства, а преку верата и умното созерцување ќе ни биде дадено да газиме на змии и скорпии, и сета ѓаволска сила.

Ние сме послушници и слуги на Доброто „бидејќи не војуваме против крвта и телото, туку против началствата, властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“. Но, ние не можеме да им се спротивставиме исклучиво со постот, туку, за своја заштита, ќе го користиме и оклопот на праведноста, шлемот на спасителната милостина, штитот на верата, како и мечот на Духот - најсилниот во одбраната. Така треба да војуваме, да ја зачуваме цврстата вера и да ги скршиме стрелите на лукавиот, и, покажувајќи се како победници во сето тоа, да здобиеме небесни и вечни венци, радувајќи се заедно со ангелите и со Самиот Христос, нашиот Господ.

Свети Григориј Палама