Кога Бог му се открива на човечкото срце? (02.07.2013)
Ако го споменеме Владиката Јован, треба да кaжеме дека тој ги приведуваше луѓето кон верата, не со чуда, туку со дејството на неговото срце. Еве една случка уште за време на војната, кога Владиката беше Шангајски Епископ; за неа зборуваше една наша дамнешна познаничка, сега покојна, доктор, логопед, по има Ана. Според нејзините зборови, Владиката Јован многу строго постел, па како последица од тоа, неговата долна вилица се укочувала и неговите зборови станувале крајно неразбирливи.
Пред војната, Ана се обидувала да му помогне на Владиката да зборува појасно. Тој доаѓал во договорениот термин, а по завршувањето, секогаш оставал пара со вредност од дваесет американски долари.
За време на војната, таа била тешко ранета и била во француската болница во Шангај. Една ноќ докторите ѝ рекле дека направиле сѐ што можеле. Постоела уште една шанса – да дојде Владиката, да ја причести со Светите Тајни и така да се спаси... Таа молела да го викнат, но тоа било невозможно бидејќи беснеела бура и врските со градот биле отсечени; но таа упорно се молела. Телефоните не работеле поради бурата, а болницата, поради воениот час, била затворена во текот на ноќта; нејзе ѝ останало само да се моли: „Помогнете ми! Владико Јован, ве молам, помогнете ми!“
На сите им било јасно дека тоа е најчист делириум. Но одеднаш, вратите се отвориле и влегол Владиката Јован со Светите Тајни. Излишно е да се зборува за нејзината радост; Владиката ја смирил, исповедал, ја причестил со Светите Тајни и заминал.
Откако спиела седумнаесет часа, Ана се разбудила и се чувствувала здрава. „Ви благодарам, Владиката Јован ме посети“, им велела на сестрите.
„Каков Владика Јован?“, се здрвиле тие, „минататa ноќ болницата беше заклучена“.
Болниот во соседната соба рекол дека навистина некој дошол, но тие повторно не поверувале. Ана почнала да се сомнева: да не ѝ се причинило? Но кога почнале да ја средуваат нејзината постела, под душекот нашле пара од дваесет американски долари. „Еве“, се израдувала Ана, „ви реков, тој навистина дошол!“
Како дознал? На кој начин дошол, немајќи можност ниту да чуе за неа? Нема да згрешиме, ако кажеме дека тоа му било откриено; не се малку случаите кога такви работи му се откривале на Владиката Јован. Но на кој начин? И зошто токму нему? Како на едни да им се открива вистината, а на други – не: зошто така? Што, зар ние имаме специјален орган за примање на откровенијата од Бога? Сигурно имаме; само го заглушуваме и задушуваме. Тој орган е срцето што љуби.
Во Светото Писмо сте читале дека Бог е љубов, дека христијанството е љубов. Самиот Христос им рекол на Своите ученици дека луѓето ќе ги препознаваат преку љубовта.
Прашајте кој било од оние што го знаеле Владиката Јован: што ги привлекувало кон него луѓето што биле во неговото опкружување? Што и понатаму продолжува да ги привлекува оние што никогаш претходно не чуле за него? Ќе ви речат само едно: изобилството од љубов, себеодрекувањето, жртвената љубов кон Бога и луѓето. Затоа и му се откривало скриеното од другите, и она што му е недостапно на разумот.
Самиот Владика учел дека и колку „мистика“ да содржат во себе житијата на светиите или делата на светите Отци на Црквата, Православието од нас бара постојана собраност и трезвеност, подготвеност да се одговори на секоја животна ситуација. Отворајќи го срцето во себе човекот Го спознава Бога.
Вистината му се открива на срцето што љуби, а Господ мора да го смири, да го направи покајничко, за да му даде (со)чувствителност. Така било, на пример, со апостолот Павле, поранешниот прогонувач и непријател на Црквата. Но Бог еднакво ги гледа сегашноста, минатото и иднината на нашите срца и Тој наоѓа време за ненадејната средба.
Блажен Серафим Роуз