За небесната симфонија
 
 
 
 
 

За небесната симфонија (07.07.2013)

Ние сме глуви за сѐ што е Божјо и затоа не ја слушаме небесната симфонија. Нашиот слух ги регистрира само ниските, пригушени земни звици: стенкањето на земјата и лелеците на нашето срце, заглушено со отровот на гревот, односно срцето што е раскинато од маките на адот, кои ги носиме во себе. Ние не ги препознавме тајните звуци што вибрираат во таа хармонија. За нас тие се мртов звук. Затоа и не ја слушаме небесната симфонија што се пројавува во Божјото име. Затоа изговарањето на Исусовото име не ја насладува и весели нашата глува и грешна душа. А древниот пророк ја знаел таа тајна на молењето: тој во звучното Божјо име ја слушал небесната музика. Затоа и рекол: „Се сетив на Бога и се израдував“.

За нас, пак, тоа спомнување е тешко... здодевно. Тоа не нѐ весели. Ние во него не ја слушаме небесната радост. Нам ни е бескрајно полесно и попријатно да се препуштиме на безмилосното лутање на умот во своето празномислие отколку да го повторуваме серадосното име.

Меѓутоа, небесното се спознава само овде. Овде се поставува почетокот на тоа познание. Овде душата преку умното дејствување се придружува на таа небесна музика. И доколку не се припои тука, доколку не го засака тоа име овде – тогаш нема никаде. Тогаш и во вечноста ќе го однесеме својот пекол и вечно ќе живееме во звуците на една поинаква музика, односно во музиката на плачот и вечните лелекања, каде плачот и чкрипењето со заби, и болката, ќе бидат резултат на задоцнетото бесплодно покајание.

Затоа Отците нѐ молат уште тука да ја засакаме „таа зороносна, светлосјајна наслада од тоа повикување“, таа небесна музика.

Да го засакаме тоа молење додека уште не е доцна, затоа што ова земно време не ни е дадено заради празномислие и плотско живеење, туку заради здобивањето на умното и вечно битие. Краткото земно време ни е дадено за спечалување на вечната небесна Љубов – Бог.

Насочени кон здобивање на „умното“, и ние ќе ја спознаеме радоста од молењето со тоа име. И ние уште тука ќе го слушнеме ангелското славословие и ќе се слееме во една химна, заедно со нив, со небесна сладост фалејќи го прекрасното има на прекрасниот Бог.

Живеејќи на земјата, Божјите светители живееле ангелски живот. Другарувајќи со ангелите, тие постојано го славословеле сефаленото име на Господ Исус Христос.

Старец Јован Рижиски