За Божјите заповеди (08.07.2013)
Да се преиспитаме, љубени, дали секој од нас ги исполнува Божјите заповеди, затоа што сите ние сме должни да ги исполнуваме - малите поради скромноста, а големите според своите сили. Оние што оставале дарови во храмовите биле богати, но сепак, Господ повеќе се радувал за вдовицата и нејзините две лепти – затоа што ја гледа нашата намера. Да не му даваме место на унинието во своето срце, за да не нѐ одвои зависта од Бога, туку да ја извршуваме службата според своите скромни сили. Затоа што, Господ бил милослив кон ќерката на старешината на синагогата, воскреснувајќи ја; ја помилувал крвотечивата жена, која сѐ што имала потрошила на лекари, пред да Го запознае Него; го исцелил слугата на капетанот, поради неговата вера; ја помилувал Хананејката, исцелувајќи ја нејзината ќерка; го воскреснал љубениот Лазар; го подигнал синот единец на мајката вдовица, поради нејзините солзи; не ја презрел Марија, која ги помазувала Неговите нозе со миро; не ја отфрлил гршната жена, која ги помазувала Неговите нозе со миро и солзи; ги повикал Петар и Јован од нивните кораби, велејќи им: „Тргнете по Мене“; го повикал Матеј, кој бил митник; ги измил нозете на учениците и на Јуда, не правејќи разлика; врз апостолите Го пратил Духот Утештел; и врз Корнилиј Го пратил со смелост; го поттикнал Ананиј во Дамаск, поради Павле, велејќи: „Тој ми е избран сад“; го поттикнал Филип во Самарија, поради етиопскиот евнух. Бидејќи, кај Него нема лицемерие ниту кон малото, ниту кон големото, ни кон богатиот, ни кон сиромашниот. Тој ја сака добрата намера, и верата во Него, и исполнувањето на Неговите заповеди, и љубовта кон сите. Ете каков ќе биде печатот на душата кога ќе излегува од телото, онака како што и им заповедал на Своите ученици: „По тоа ќе ве познаат дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“.
Браќа, да се подвизуваме за да спачалиме таков печат, за да не нѐ фатат нашите непријатели. Господ рекол: „Не може да се сокрие градот, што се наоѓа на врвот од планината“. За која планина зборува Тој ако не за Своите свети зборови? Љубени, да бидеме трудољубиви, со усрдност и разум, за да ги исполниме Неговите зборови, кои објавуваат: „Ако некој Ме љуби, ќе ги исполнува Моите зборови“. Таквиот труд нека ни биде како заштитен град, затоа што Божјите зборови нѐ чуваат од рацете на сите наши непријатели, сѐ додека не се сретнеме со Него.