Нас нѐ касаат и ние касаме (10.07.2013)
Господ, страдајќи на Крстот, не се налути никому, туку, спротивно на тоа, се молеше за тие што Го распнаа. Нивните срца беа закоравени и нечувствителни, скаменети, и тие луѓе беа настрана од вечниот живот, затоа Господ ги жалеше и се молеше за нив.
Бездушноста, нетрпеливоста, навредите – сето тоа го труе нашето срце. Ние мораме во секој човек да го гледаме Божјиот лик. Така треба да се однесуваме кон сите. Тие, кои нам ни изгледаат како најзаслужни за осуда, се насреќни луѓе, затоа што секој човек поседува некоја страст, секој е роб на своите страсти.
Јован Кронштатски напишал молитви за сите видови грешници: за среброљупците, горделивите, блудните, за човекот да се покае и да го обнови во себе Божјиот лик, таа првосоздадена убавина на својата душа. Секоја душа, секој човек е создаден според ликот и подобието Божјо, а страстите – тие се како гној на душата, а ние не смееме да ја поистоветиме таа болест, тој гној со самата душа. Мораме да се сожалиме над човекот.
Пристојниот човек, кому навидум немаме за што да му замериме, помалку е склон кон смирението, отколку човекот што претрпил сериозен морален пад и сфатил дека не е достоен ниту да дише, пие вода, јаде – како во филмот „Остров“. Тој Му се моли на Господ од длабочината на својот пад и смирение, и на негово изненадување Бог го слуша и ја исполнува неговата молба. Тоа е духовната реалност; тоа навистина и се случува.
Затоа, никого не треба да осудуваме! Ако Господ допушти, тогаш тоа е така за човекот, гледајќи го својот јавен пад, да може да се покае. Ние не ја знаеме Божјата промисла и не смееме да брзаме со осудувањето пред Самиот Бог. Секој треба да сочувствува и сака. И воопшто, треба да се однесуваме како Господ на Крстот. Бог е љубов, и таа живее во нашето срце и ја воскреснува душата. А злото, бездушноста и омразата – тие се отровот што убива.
Схи-јеромонах Валентин