За молитвата и искушенијата што ја следат
 
 
 
 
 

За молитвата и искушенијата што ја следат (11.07.2013)

Молитвата може да биде славословие, благодарење и молба. Црквата, нашата мајка, нѐ учи како да се молиме, одредувајќи го времето и начинот, и самите молитви со кои треба сите да се молиме, и во кои ситуации. Православните христијани, исполнувајќи го своето правило, сами и заедно, Му се молат на Господ верувајќи дека Тој ќе ги прифати; особено тогаш кога се молат како митникот, а не како фарисејот; иако сите ние сме несовршени и не можеме да се осмелиме и пофалиме со чиста молитва. Ние сме духовни војници, а молитвата е нашето оружје. Кога стоиме на молитва, тогаш непријателот војува против нас преку разни помисли и прикажување на нечесни претстави, настојувајќи да нѐ одвои од молитвата или да нѐ фрли во потиштеност. Но, ние мораме да имаме добра волја за исполнување на молитвата и треба да се трудиме да ги собереме мислите што лутаат во зборовите на молитвата; во налетите на помислите да не отстапуваме, туку, свесни за својата слабост, да се каеме пред Господ. Конфузијата од нападот на помислите укажува на нашата малодушност, која доаѓа од гордоста; ние сакаме да се претставиме чисти пред Бога, како фарисејот, а не грешни, налик на митникот. Токму затоа и не ни е дадена чистотата. Ако во молитвите си припишуваме на себе нешто високо, треба да знаеме дека „високото пред луѓето е гордост пред Бога“. Затоа, подобро е поради нашите недостатоци да се смириме и каеме отколку да мудруваме.

А кога не можеме да се молиме како што доликува или да се подготвиме за тоа, зар тогаш треба целосно да се напушти молитвата? Спротивно, треба да се принудуваме на неа, дури и ако срцето се противи на тоа; а Господ, гледајќи го таквиот наш стремеж и подвиг во молитвата, ќе ни помогне, според зборовите на св. Макариј и Петар Дамаскин: „ги исполнува молитвите на оној што Му се моли“; на оној што се моли искрено и со едноставна молитва, Господ му ја подарува умната молитва. Запаметете, дарот на молитвата, треба да се заслужи на само со молитвата, туку и со останатите добри дела: смирението, едноставноста, трпеливоста, простодушноста; а без тие добродетели, некој и ако си мисли дека ја има молитвата, се соблазнува – тоа не е молитва, туку маска. Оној што со сите свои сили се труди во молитвата, но не и околу добродетелите, понекогаш ќе го осени Божјата благодат, затоа што Бог е човекољубив; но ако тие не станат дел од него, тогаш се лишува од добиената благодат, или се вознесува и паѓа во гордост, или останува на понизок степен од кој повеќе не може да напредува и расте. На Светиот Дух како престол и одаја, ако можеме така да кажеме, му служат: љубовта, смирението, кроткоста и исполнувањето на сите свети Христови заповеди.

Ако, пак, потајно ја очекуваш благодатта, пази се: се наоѓаш во опасна положба! Таквото очекување сведочи дека се сметаш достоен за почести, а тоа повторно покажува дека во тебе е присутна калта на гордоста. По гордоста следи и за неа лесно се прилепува прелеста. Прелеста е оддалечување од Вистината и Светиот Дух што ѝ содејствува, односно оддалечување кон лагата и духовите што ја поддржуваат. Прелеста е присутна во гордоста, почестите кон самиот себе и во очекувањето на благодатта. Тоа се нејзините почетни облици, како што пупката, цветот и `ркулецот се почетните обици на плодот.

Свети Макариј Оптински