За светиот апостол Павле
 
 
 
 
 

За светиот апостол Павле (13.07.2013)

Каков бил Павле и која уста или, подобро кажано, колку и какви усти (јазици) би биле потребни макар и делумно да го искажат неговото трпение заради Христос, кое се граничело со смртта? Павле секојдневно умирал, или да се изразиме подобро, постојано бил мртов бидејќи, според неговите зборови, тој повеќе не живеел, туку Христос живеел во него (Гал. 2, 20). Поради љубовта кон Христос, тој не само што сегашноста ја сметал за ништо, туку за него и иднината, во споредба со љубовта, била на второ место, зашто вели: „Уверен сум дека ниту смртта, ниту животот, ни сегашноста, ни иднината, ни висината, ни длабочината, ниту кое било друго нешто нема да може да нѐ одвои од Божјата љубов, која е во Исус Христос“ (Рим. 8, 38-39). Тој имал таква ревност за Бога, со која придонел и ние да ревнуваме по Него. Што се однесува до неговото смирение, повторно слушнете што тој самиот вели: „Јас сум најмалиот од апостолите, и не сум достоен да се наречам апостол, затоа што ја гонев Божјата Црква“ (1 Кор. 15, 9).

Значи, што следува од ова? Бидејќи тој е истоветен со Петар во поглед на исповедништвото, ревноста, смирението и љубовта, зар нема да добие и иста награда од Оној што праведно мери сѐ? Со што се потврдува тоа? Со тоа што Господ му вели на Петар: „Ти си Петар, и на овој камен ќе ја соѕидам Својата Црква“ (Матеј 16, 18). А што му рекол Господ на Ананиј за Павле? „Тој ми е избран сад, кој ќе го изнесе Моето име пред незнабошците (Дела 9, 15).

На покајанието му претходи спознието на сопствените грешки, што претставува голем повод за (Божјото) смилостување, затоа што пророкот-прсалмопејач Му вели на Бога: „Помилуј ме, Боже... затоа што го знам моето беззаконие“ (Пс. 50, 1; 5). Тој преку познанието на своите гревови добил од Бога милост, а преку исповедта и самопрекорувањето добил и целосно простување, бидејќи вели: „Реков: ќе го исповедам секое мое беззаконие против Тебе, и Ти го прости мојот грев (Пс. 31, 5). Всушност, после свесноста за сопствените гревови следи самоосудувањето, а после него и тагата заради нив, која Павле ја нарекол „тага по Бога“. Од таа тага по Бога се раѓа исповедта на покајничкото срце и молитвата кон Бога, придружени со ветувањето дека човекот ќе се воздржува од гревовите.

Павле се грижел за покајнието и после своето преобраќање, напредување и надминување на сите. Доколку покајанието вистински доаѓа од срцето, тоа го поттикнува оној што го добил, веќе да не им подлегнува на гревовите, веќе да не се врзува со оние што пропаѓаат, да не трча по лошите насладувања, туку, спротивно на тоа, да го презира сегашното и да се насочи кон идното, да се бори со страстите, да тежнее кон добродетелите, во сѐ да биде воздржан, да бдее и да се моли, да бега од неправедностите, да биде милослив кон оние што го навредуваат, да биде милосрден кон сиромашните и благонаклонет кон оние на кои им е потребна неговата помош, да биде подготвен да им помогне како што може, дали со зборови, или со пари, искрено да им биде понизен на сите, за преку човекољубието и љубовта кон ближните да се здобие со Божја љубов кон сите, за да спечали Божја благонаклонетост и да добие вечна милост, Божји благослов и благодат.

Свети Григориј Палама