За молитвата (14.07.2013)
Основна дејност на човекот треба да му биде молењето. Тој е создаден за да Го слави Бога. Затоа молитвата совршено му одговара. Таа само дополнително ја потврдува и објаснува неговата испостас. Таа, исто така, го оправдува и неговото исклучително место меѓу созданијата. Човекот е создаден да Му се восхитува и да учествува во Неговата Божја добрина и блаженство.
Бидејќи е Божја икона, човекот копнее по Бога и жедно брза да се воздигне кон Него. Молитвата и псалмопеењето го веселат, духот му се радува, а срцето му игра. Колку повеќе се моли, душата сѐ повеќе се ослободува од световните желби и се исполнува со небесни добра. И колку повеќе се одвојува од земните работи и животните задоволства, толку повеќе ужива во небесната радост. Искуството нѐ уверува во оваа вистина.
На Бога Му се угодува преку оние молитви што Му се принесуваат како што треба, односно со чувство за нашата несовршеност и недостојност. Меѓутоа, за да се поседува такво чувство, треба совршено одрекување од самите нас, никаквите, какви што сме, и поттчинување на Божјите заповеди; се бара смирение и постојана духовна активност.
Сите свои грижи оставете Му ги на Бога. Тој промислува за вас. Не треба да бидете малодушни и да се вознемирувате. Оној што ги испитува тајните длабочини на човековата душа ги знае и вашите желби, и има моќ да ги исполни на начин што само Тој го знае. Вие само треба да барате од Бога да не ја загубите смелоста и не треба да мислите дека имате право да роптате кога вашите молби нема да бидат исполнети. Затоа, бидете спокојни и молете Му се на Бога.
Само молитвите не нѐ водат кон совршенството, туку кон него нѐ носи Господ Кој доаѓа и живее во нас, кога ние ги исполнуваме Неговите заповеди. А една од првите заповеди е во нашиот живот да ја нема нашата волја, туку Божјата, и таа треба совршено да се исполнува како што тоа го прават ангелите на небото, за да можеме и ние да речеме: „Господи, но не како што сакам јас, туку како Ти што сакаш“; „да биде Твојата волја како на небото така и на земјата“. Значи, без Христос во нас, не сме далеку од прелеста.
Свети Нектариј Егински