Господ дава според расположението на срцето (15.07.2013)
Молејќи Им се на Господ, Божјата Мајка или светителите, секогаш имај на ум дека Господ дава според расположението на срцето (Пс. 19, 4) – какво е срцето, таков е дарот. Ако се молиш со вера, искрено, со сето срце, нелицемерно, тогаш, според твојата вера, степенот на топлина на твоето срце ќе ти биде даден дар од Господ. И обратно, колку е поладно твоето срце, колку е тоа маловерно, неискрено, толку е бескорисна и твојата молитва. Освен тоа, таа уште повеќе Го лути Господ, Кој е Дух, и ги сака покрај Себе оние што се поклонуваат со дух и вистина (Јован 4, 24). Затоа, ако Им се молиш на Господ, Божјата Мајка, ангелите или светителите, моли се со сето срце; ако се молиш за некој од живите или починатите, моли се од срце, изговарајќи ги нивните имиња со срдечна топлина; ако се молиш за себе или некој друг да добие какви било духовни дарови, за спасение на ближните од некаква неволја или од гревовите и страстите, лошите навики, моли се со сето срце за бараното добро, имајќи цврста намера да се обновите, и ќе добиете дар од Господ, согласно со расположението на твоето срце. Што и да сакате – барајте и ќе ви се даде (Јован 15, 7). Гледаш ли дека треба без сомнеж да се бара она за што се молиш, само и тогаш ќе го добиеш. Молете Му се на Бога едни за други, за да оздравите (Јаков 5, 16).
Секој збор од молитвата Владиката го слуша и исполнува, само ако е од срце. Затоа што, секој што бара, добива. Само молете со смирено срце, молете се без сомнеж.
Запомни дека ако за време на молитвата не празнословиш, туку ги изговараш зборовите со чувство, тогаш твоите зборови нема да бидат празни, без сила, туку сигурно ќе ти ги донесат токму тие плодови, кои се содржат во зборовите. Тоа е најприродна работа. Но, ако зборовите ги фрлаш во празно, без вера, не чувствувајќи ја нивната сила, тогаш тие ќе ти се вратат празни – ако фрлиш лушпа, тоа и ќе ти се врати, но ако фрлиш семе, тоа ќе ти донесе клас, а колку е поплодоносно семето, толку и побогат ќе биде класот. Така е и со нашите молитви: колку поискрено, посрдечно го изговараш секој збор, толку поголем ќе биде и плодот од твојата молитва; секој збор, како зрно, ќе ти донесе духовен плод како зрел клас. Кој од оние што се молат не го доживеал ова. Зар залудно Спасителот ги споредил зборовите со семето, а човечкото срце со земјата (Матеј 13, 5). А кој не знае дека дождот ги оросува земјата и билките, и така ги напојува? Така, нашиот збор, изговорен со вера, нема да се врати без да ги напои душите што веруваат. Тоа е толку природно колку што е природно дождот да ги напојува земјата и билките, и да ги оспособува да растат.
Исто така, Бог и светителите ја слушаат нашата молитва како што луѓето се слушаат едни со други, кога разговараат меѓусебно, или, како што луѓето го слушаат оној што проповеда во црквата, или како што војниците го слушаат гласот на претпоставениот: ја слушаат дури и неспоредливо подобро и посовршено, затоа што ние ги слушаме зборовите на другиот, но не знаеме што тој има во срцето и во мислите, а се случува едно да се зборува, но сосем друго да се има на срце. Бог и светиите не се такви: тие гледаат што имаме во мислите и срцето, Самиот Бог со Своето сезнаење, а светителите преку благодатта на Светиот Дух, во која тие вечно престојуваат. Тие гледаат дали одговараат нашите зборови на состојбата на срцето, и ако се поклопуваат, а срцето верува, скрушено е и смирено, гори од љубов и усрдност, и желба да го добиеме бараното, тогаш тие љубезно одговараат на нашата молитва и го даваат. Бог и светиите сакаат во молитвата да ги доживееме како живи, онакви какви што всушност и се, и да ги гледаме со срдечни очи. Бог е жив, а Бог не е Бог на мртвите, туку на живите, затоа што во Него сите се живи (Лука 20, 38).
Ако од срце Им се молиш на Господ, или на Владичицата, ангелите или светителите, тогаш ти со срцето им зборуваш. Труди се со сето срце, сѐ што зборуваш или правиш со луѓето да биде искрено и на никој начин да не бидеш дволичен со нив. Кога ќе станеш простодушен и доверлив кон луѓето, тогаш Господ ќе ти подари простодушност и искрена вера и во однос на Бог. Господ тешко ја прифаќа молитва од оној што не е срдечен кон луѓето, давајќи му да почувствува дека ако е неискрен кон нив, таков е и кон Него.