За смирението
 
 
 
 
 

За смирението (16.07.2013)

Како да се спуштиме до спасоносното смирение, напуштајќи ја надуената гордост?

Ние во тоа треба да се подвизуваме со сите сили, притоа ништо не запоставувајќи со изговор дека нема да имаме штета (ако не се трудиме). Душата е подобна на она кон што копнее, добивајќи го изгледот и обликот на она што го прави. И твојот надворешен изглед, и облеката, и одот, и седењето, храната, постелата, домот, и работите во него нека бидат благопристојни. И зборовите, и песните, и односите со ближните нека ти бидат во голема мера насочени кон смирението, а не кон виското мислење за себе. Во твоите зборови нека нема софистика (надмудрување), ниту неумерена милозвучност во твоето пеење, ни горди и надуени зборови во твојот говор, туку во сѐ отсекувај го фалењето. Биди добар кон пријателот, мек кон помошникот, незлоблив кон дрскиот, човекољубив кон сиромашните. Утеши ги напатените, посети ги натажените, никого не презирај. Љубезно поздравувај, одгроварај со светло лице, кон секого биди благонаклонет. Немој самиот да се фалиш, немој другите да ги поттикнуваш да зборуваат за тебе, не прифаќај недоличен разговор. Колку што можеш криј го предимството. Самиот обвинувај се за гревовите и немој да чекаш другите да те разобличуваат, за да станеш сличен на праведникот кој, прв, самиот се осудува, и да бидеш сличен на Јов кој не се срамел пред другите во градот, зборувајќи за својот пад. Немој да бидеш суров во укорувањето на другите и не разобличувај брзо и пристрасно. Немој да ги осудуваш неважните грешки како најстрог праведник. Оние што паднале, прифати ги и духовно исправувај ги, според советот на апостолот, кој вели: „Внимавајќи на себе, да не бидеш и ти искушуван“. Труди се да не бидеш славен од луѓето, како што се трудат другите да бидат прославени, сеќавајќи се на Христос Кој вели дека оние што самоволно се покажуваат пред луѓето и прават добрини со намера да ги видат луѓето ја губат наградата од Бога. Затоа што, вели: „Веќе ја примија својата награда“. Според тоа, немој да си нанесуваш штета сакајќи да те видат луѓето. Бог сѐ гледа: барај ја славата пред Него, Кој дава блескави награди. Меѓутоа, можеби ти си устроен со првенство и опкружен си со многу луѓе кои те прославуваат? Сепак, биди рамен на потчинетите, како што е речено: „Не како да располагате (господарите) со Божјото наследство“. Немој да бидеш како световните старешини, бидејќи на оној што сака да биде прв, Господ му нареди да им биде слуга на сите. Кратко речено, стреми се кон смирението, како да си заљубен во него. Сакај го и ќе те прослави. На тој начин, прекрасно ќе чекориш кон вистинската слава, кон славата пред ангелите и пред Бога. Христос пред ангелите ќе те признае за Свој ученик. Тој ќе те прослави доколку твоето смирение стане слично на Неговото, бидејќи вели: „Научете се од Мене, зашто сум кроток и со смирено срце, и ќе најдете мир во своите души“. Нему, вечна слава. Амин.

Свети Василиј Велики